ИНФЛАЦИЈАТА ЗАБАВУВА, ДЕВИЗНИОТ ПАЗАР Е ПОВОЛЕН, А ЕКОНОМИЈАТА Е УМЕРЕНО АКТИВНА Народна банка не ги промени каматните стапки
Банката ваквата одлука ја базира на значителното забавување на инфлацијата, поволниот девизен пазар како и на растот на економската активност.
Народната банка, не ги промени каматните стапки иако како што наведува во денешното соопштение се уште се присутни ризиците.
– Со тоа, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, со истовремено задржување на каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Оценето е дека задржувањето на тековното ниво на каматните стапки, заедно со промените кај задолжителната резерва (последните со примена од декември 2023 година) и со макропрудентните мерки преземени досега, ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и задржување на стабилноста на девизниот курс. – велат од Народна банка (НБ).
Банката ваквата одлука ја базира на значителното забавување на инфлацијата, поволниот девизен пазар како и на растот на економската активност.
– Домашната инфлација и натаму забавува и се сведе на 3,1% на годишно ниво во ноември 2023 година. Овие остварувања го одразуваат значителното намалување на притисокот од прехранбената и енергетската ценовна компонента, како и намалените ценовни притисоци од помалку променливите категории, во согласност и со преземените монетарни мерки. Притоа, годишната стапка на инфлација кај нас позначително забави во споредба со еврозоната, со што разликата во инфлацијата е незначителна. Поумерени се и инфлациските очекувања на потрошувачите искажани во ноемвриските анкети на Европската комисија- велат од НБ.
Оттаму додаваат дека просечната стапка на инфлација и натаму е на релативно високо ниво, во споредба со историскиот просек.
-Ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат, за што покрај неизвесноста од движењето на цените на светските берзи, придонесуваат и одредени домашни фактори. Оттука, потребна е натамошна претпазливост, вклучително и во однос на политиките што делуваат врз побарувачката на економијата- велат од Централната банка.
Оттаму оценуваат дека состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Растот на економската активност е умерен и се движи во согласност со очекувањата, коишто според последните проекции упатуваат на забавен економски раст оваа година, во услови на послаба странска побарувачка. Во монетарниот сектор, според првичните податоци заклучно со ноември 2023 година, депозитите и кредитите и натаму растат со темпо коешто засега е во рамките на очекувањата за последниот квартал од годината.
И Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во декември беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво, при оцени за натамошно забавување на инфлацијата во наредната година и достигнување на среднорочната целна инфлација во 2025 година.