КОСТОВСКИ И АРСОВСКА ПОВТОРНО ВО КАВГА По Радишанска на ред дојде и Хо Ши Мин

Баба Невена, Чичко Мустафа и Чичко Кирил не се криминалци, тие се чесни жители кои никогаш немале проблеми со законот. Денеска со задоволство се приклучив кон протестот кои го организираа жителите на улица Хо Ши Мин. За време на кампањата пред изборите им дадов збор дека ќе се борам со урбаната мафија и ќе дадам сè од себе да го зачуваат нивниот мирен начин на живот, рече градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски.

422

По одлуката на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска за изградба на улица која минува низ нивните дворови, денеска на протести излегоа незадоволните жители од улицата Хо Ши Мин, на кои им се придружи и градоначалникот на Бутел Дарко Костовски.

Костовски истакна дека дошол да ги поддржи граѓаните и притоа рече дека нема да дозволи во Општина Бутел повторно да дивее урбаната мафија, како и дека нема да дозволи мирните граѓани на оваа општина да бидат третирани како криминалци.






– Баба Невена, Чичко Мустафа и Чичко Кирил не се криминалци. Тие се чесни жители кои никогаш немале проблеми со законот. Денеска со задоволство се приклучив кон протестот кои го организираа жителите на улица Хо Ши Мин. За време на кампањата пред изборите им дадов збор дека ќе се борам со урбаната мафија и ќе дадам сè од себе да го зачуваат нивниот мирен начин на живот – рече Костовски.

Тој додаде дека незадоволните жители протестираат против решеноста на градоначалничката Данела Арсовска по секоја цена да изгради улица која поминува веднаш до нивните домови, а уште се позагрижени бидејќи мислат дека сето ова се реализира за да се изградат згради, согласно план донесен во минатото.

– Градоначалничката Данела Арсовска, за жал, не е достапна за овие загрижени граѓани. Повеќе од еден месец не успеваат да направат средба со неа. Во оваа прилика сакам да ја потсетам градоначалничката дека од овие граѓани за време на кампањата јас лично сум барал гласови за неа, со цел да не дојде до ваква или слична ситуација – изјави првиот човек на општина Бутел.

Костовски информираше дека денеска Општина Бутел испратила допис до Град Скопје со кој ја поддржува граѓанската иницијатива со која од Градот Скопје се бара трасата на градската улица да биде поместена, или во договор со граѓаните да се изнајде прифатливо решение.

Градот Скопје по протестот веднаш реагираше со сооштение дека нема да се впушта во коментирање на, како што се вели во соопштението, „политиканти и политизирање на секоја деструктивна и блокирачка активност во организација на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалниците кои доаѓаат од редовите на оваа партија“.

„Во овој дел законот е јасен и дециден и нема простор за политички манипулации. Неправото не може да произведе право, па оттаму, граѓаните на Скопје не може да бидат спречени во своето право за своите даноци да добијат соодветни услуги, нова инфраструктура и безбедно сообраќајно решение. Неправото на неколкумина не може да го дерогира правото на сите“ – велат од Град Скопје.

Што се однесува до наводни ДУП-ови за изградба на згради на потегот на оваа траса, Арсовска на Костовски му порача да ги научи своите ингеренции. Детален урбанистички план носи општината, а не Град Скопје, се вели во соопштението.

„Тоа што Дарко Костовски ветувал дека на тој дел на улицата Боца Иванова ќе легализира земјишта на кои ќе вцртува маркици за изградба на згради, што сега, поради реконструкцијата на улицата нема да биде возможно да се направи, е негов проблем, а никако проблем на градот или на граѓаните на градот Скопје“ – велат од Град Скопје.

Oд Градот велат дека на овој појас е воведена забрана за изградба и целиот тој треба да биде зелен појас.

„Граѓаните да не дозволуваат да бидат изманипулирани и инструментализирани за остварување на бизнис интересите на неколкумина политиканти и бизнисмени. На крајот, одговорноста е на оној кој узурпира државно земјиште, а не на политикантите“ – се вели во соопштението од Град Скопје.

Градоначалникот Костовски на ова одговори со пишана реакција во која вели дека за Данела Арсовска е несвојствено да зборува за право.

„Данела повторно е надвор од реалноста, продолжува да пишува реакции и соопштенија од канцеларија! Кога Арсовска зборува за право тоа е исто како кога Осама Бин Ладен би зборувал за западни вредности или Хемингвеј би зборувал за градежништво. Ете толку е својствено за Арсовска да зборува за право. Што се однесува за самиот проект најлесно е да се пишуваат соопштенија од канцеларија, веројатно и така е поедноставно да се избега од народот. Но, народот на тоа ќе те потсети тогаш кога ќе треба, на избори. Дотогаш јас сум заедно со бутелчани да се бориме заедно за решение на секој еден проблем. Данела, згради во Бутел нема да има!“ – напиша Костовски на својот профил на Фејсбук.

 

АРСОВСКА И КОСТОВСКИ СЕ СКАРАА ЗА УЛИЦА Таткото на Бутел објави статус на Фејсбук, мајката на Скопје го обвини дека се кити со туѓи перја

Поврзани содржини