ДАНЕЛА ГO ШУТНА И „СЛОБОДА ПРЕВОЗ“ Градот го раскина договорот, Ленин го очекувал ова
За жал „Слобода превоз“ повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше оваа договорна обврска со што поради непочитување на договорот истиот е раскинат – информираат од Градот.
Град Скопје преку соопштение до медиумите информира дека го раскинал договорот со здружението на приватни превозници „Слобода превоз“, поради, како што се наведува, неисполнување на обврските од договорот. Првиот човек на здружението, Ленин Јовановски за Плусинфо рече дека не е изненаден од ваквиот чекор на градоначалничката Данела Арсовска.
Како што стои во соопштението од Град Скопје, во случајов се работи за обврската за континуирано и непрекинато давање на јавната услуга за превоз на патници.
– За жал „Слобода превоз“ повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше оваа договорна обврска со што поради непочитување на договорот, тој е раскинат – информираат од Градот.
Оттаму ги повикуваат сите приватни превозници да се јават на јавниот повик кој ќе биде објавен во текот на следната недела.
– Сметаме дека со овој модел, склучување директни договори за јавен градски превоз со индивидуални превозници ќе се придонесе за поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми. Градскиот јавен превоз функционира непрекинато, а ЈСП Скопје во овој момент има доволно капацитети да ги задоволи потребите на скопјани – велат од Град Скопје.
Тие упатија апел до „Слобода превоз“ да ја ревидира одлуката за блокирање на главниот град, бидејќи на тој начин, како што велат, нема да постигнат разрешување на проблемот, напротив, на овој начин проблемот се продлабочува.
– Скопјани не се должни да бидат колатерална штета, поради нерационалните барања на „Слобода превоз“. Со уцени, нема договор – се нагласува во соопштението од Град Скопје.
Директорот на здружението „Слобода превоз“, Ленин Јовановски за Плусинфо рече дека не е изненаден од ваквата постапка и дека според него, раскинувањето на договорот било очекувано.
– Оваа одлука на Град Скопје беше очекувана за нас, затоа што беше најавено вакво нешто. Мислам дека се чекаше да заврши ноември и да констатираат дека имаме под 80 проценти од остварувањата и исто како на „Макекспрес“ да ни го раскинат договорот. Ќе видиме кои ќе бидат нашите следни чекори, прво ќе го оспориме, а за понатаму ќе видиме како ќе биде – ни изјави Јовановски.