ТЕНЗИИТЕ НА КОСОВО СЕ НА МНОГУ ОПАСНО НИВО Борел вечерва ги седнува на маса преговарачите од двете страни
Потребно е да се намалат тензиите меѓу косовската и српската страна, овие тензии постигнуваат многу опасно ниво, се соочуваме со најопасната криза од 2013 и двете страни мораат веднаш да покажат итно подготвеност да ги смират тензиите, изјави Борел.
На денешниот министерски совет за надворешни работи на ЕУ, министрите разговараа за Западен Балкан и Србија и Косово, каде работите можат да станат „многу опасни”. Ова го изјави попладнево високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, на прес конференцијата по министерскиот совет на ЕУ.
Борел на крајот на минатата недела се сретна со косовскиот премиер, Албин Курти, и српскиот претседател, Александар Вучиќ, во Париз, за овие средби денеска ги информираше 27-те министри за надворешни работи на ЕУ.
– Потребно е да се намалат тензиите меѓу косовската и српската страна, овие тензии постигнуваат многу опасно ниво, се соочуваме со најопасната криза од 2013 и двете страни мораат веднаш да покажат итно подготвеност да ги смират тензиите – изјави Борел.
Тој се осврна на напуштањето на полициските и судските институции од страна на српската заедница на северот на Косово.
– Ова создаде вакуум на северот на Косово, овој вакуум е најлошото нешто што може да се случи, двете страни мораат да покажат флексибилност, потребен ни е јасен напредок – рече Борел, повикувајќи го Косово да покаже флексибилност за регистарските таблици и за етаблирањето на Заедницата на српски општини.
Шефот на ЕУ дипломатијата најави дека уште вечерва почнуваат нови консултации со двете страни во дијалогот Белград-Приштина. Косовските претставници од преговарачкиот тим пристигнуваат вечерва, рече тој.
Целта е дека се постигне излез од ќор сокакот пред 26 ноември, што е рокот за регистарските таблици за српската заедница на Косово. Борел додаде дека е подготвен за лидерска среда со Курти и Вучиќ пред 26 ноември за изнаоѓање практично решение.
Главниот преговарач на Косово во дијалогот со Србија, Бесник Бислими отпатувал попладнево за Брисел на нова рунда преговори со српскиот главен преговарач, Петар Петковиќ, во обид да се најде решение за кризата предизвикана од напуштањето на косовските институции од страна на припадниците на српската етничка заедница во северно Косово.
Косовските медиуми ја објавија информацијата повикувајќи се на изјава на високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Хозеп Борел, кој оцени дека моментната криза во односите меѓу Косово и Србија е „најсериозната и најопасната криза” во последната деценија.
Тој најави дека, доколку косовскиот вицпремиер, Бислими и шефот на српската Канцеларија за Косово, Петковиќ постигнат некаков напредок, тогаш ќе се организира средба во Брисел на косовскиот премиер, Албин Курти со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– Главните преговарачи ќе започнат да работат тука во Брисел за наредните чекори. Тие ќе ја започнат работата вечерва… Подготвен сум да ги состанам лидерите доколку преговарачите успеат да најдат решение пред рокот од 21 ноември – изјави Борел.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, косовските Срби ги напуштија државните и локалните институции во Косово откако владата во Приштина одлучи да спроведува санкции за оние кои нема да ги заменат регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово.
Од почетокот на месецов органите на редот им изрекуваат укори на лицата кои не ги промениле табличките, а од 21 ноември, според одлуката на владата на Курти, ќе почнат да се изрекуваат парични казни. Оваа мерка е предвидено да трае до 21 април, кога ќе започне целосната примена на законот, односно ќе биде забрането движењето на возила со незаконски таблички издадени од Србија.
Претставници на косовските Срби најавија дека, во моментот кога ќе почнуваат да се изрекуваат казни, ќе започне „жесток отпор” против властите во Приштина.