Ново Маало
Денеска сакам да ги опишам ликовите запаметени во мојата меморија на моите покојни татко Тодор, мајка Олга и мојот брат Стефан.
Почитувани читатели, пишувајќи за моето детство денес сакам да дадам посебна слика на моето најтесно семејство, мојот татко Тодор, мојата мајка Олга и мојот брат Стефан.
Роден сум, како второ машко дете, во куќата во Ново Маало, денеска блиску до амбулантата на РСВР, до Основното училиште 11 Октомври, покрај јазот кој во моето детство минуваше на неполни 200 метра од нашата куќа. Да појаснам, јазот беше функционален каде отпадните води од Водно се слеваа во Вардар.
Јазот имаше посебно место со својот биодиверзитет, полн со многу жаби и нивните потомства полноглавци и со многу коприви. Сакавме да видиме по некоја риба во јазот, ама за жал ги немаше. Имавме посебна семејната куќа со заеднички двор со куќата на моите покојни баба Неда и дедо Миле.
Денеска сакам да ги опишам ликовите запаметени во мојата меморија на моите покојни татко Тодор, мајка Олга и мојот брат Стефан.
Мојот татко Тодор е родум од Топаана во далечната 1912 година во предвечерјето на Првата Балканска војна. Неговиот татко Трифун чие име јас го носам денес е регрутиран насилно од бугарската војска и до ден денес немаме траги околу неговиот живот. Трагавме по архивите во Бугарија за да најдеме информации што точно се случило со него. Жално констатирам дека и ден денес немаме никакви информации што токму се случило со мојот покоен дедо Трифун кој бил регрутиран насила, кога мојата покојна баба Неда го носела во седмиот месец мојот татко Тодор. Логично доаѓам до заклучок дека татко ми се родил како сирак со самохрана мајка во тие бурни времиња на Балканските војни и Првата Светска војна. Самохрана мајка во ликот на мојата баба Неда во тие времиња била една од најтешките судбини кои можеле да ѝ се случат на било која жена. Била аргат, била плетачка, не се срамела од ниедна работа, само со цел да обезбеди корка леб за нејзиниот син Тодор. Животот на мојата баба поминат во искушение дали е сопругот жив или не, во исчекување дека секој момент ќе се појави на куќниот праг, навистина бил многу тежок. Детството на мојот татко било многу тешко. Од најрана возраст на 5-6 години бил испраќан да ги пасе и чува кравите и воловите низ Топаанско поле и Бардовци. Летните ноќи ги минувал чувајќи ја стоката. Немал поддршка и љубов од неговиот чичко од причини поврзани со имотот кој што по сила на законот морал да го дели со мојот татко.
Детството и пубертетот го поминува низ чаршија, работејќи како чирак и во налбатници, занает кој се занимава со потковување на коњи, изработка на седла. Занает поврзан со стоката која служела како средство во транспортот на стоки и луѓе во тие времиња. Се изградува како врвен ковач на пајтони. Ова го пишувам од фактот што работилницата каде рачно се изработувале пајтоните била во наша непосредна близина и татко ми дал личен придонес во специјално нарачаниот пајтон за Банот кој во тие времиња бил неприкосновена прва личност во бановината Македонија во тогашната држава на СХС.
Во предвечерјето на Втората Светска војна се жени со мојата покојна мајка Олга и поради тие бурни времиња животот го минува работејќи во Скопје и Гевгелија. Во раните 50-ти години заболува од туберкулоза која во тие години косеше во светот. Го продаде имотот во Топаанско поле за три инјекции пеницилин и си го спаси животот. Неговиот порив за живот беше силен. Јас и мојот брат бевме на возраст од 3 и 8 години. Не сакаше да остави сираци, бидејќи како сирак го поминал своето детство и животот го научил многу повеќе да разбере дека дете без родител тешко ќе може да се снајде во тие времиња.
Односот на мојот татко кон нас децата беше спартански. Спартански не од аспект дека сакаше да не повредува, туку напротив сакаше од нас двата сина да изгради силни личности со кои ќе се гордее меѓу своите пријатели и своите соседи. Честопати умееше на мојата мајка Олга да и каже „Олга не ги разгалувај децата! Милувај ги додека спијат“. Мојот татко Тодор имаше огромна љубов кон сопственото семејство и нас двата сина. Вљубеник во Вардар и фудбалот, патриот и Македонец до коска со многу во тие времиња напредни мисли и размислувања. Ќе споделам со вас само еден сегмент: во првата фудбалска лига на бившата СФРЈ настапуваше нашиот скопски Вардар, фудбалски клуб кој најголем дел во неговата фудбалска историја се бореше за опстанок во првата лига. Големите фудбалски клубови како Црвена звезда и Партизан од Белград, Динамо од Загреб, Хајдук од Сплит, Сараево и Железничар од Сараево секојпат имаа свои фанови низ целата тогашна Југославија. Меѓу моите школски другари имаше навивачи на Звезда, Партизан и татко ми на многу педагошки начин умееше да го искаже своето мислење КАКО ТРЕБА ДА СЕ НАВИВА ЗА СОПСТВЕНОТО. Ќе кажеше: тие клубови надвор од Македонија си имаат свои навивачи, ние треба да си навиваме за нашиот Вардар. Љубовта на мојот татко кон Вардар се доказ на длабок патриотизам и висока свест за чувството на Македонец. Сè уште ми одѕвонуваат неговите зборови искажани во моментот кога морав да се одвојам од заедничкиот дом во Ново маало, бидејќи се оженив и семејството ми се зголеми. Мојот татко сонуваше да останеме во заедница со него и на крајот резигнирано заклучи, тивко изговарајќи: „ејдиги век лажовен“. Со мојот потег му го растурив неговиот животен сон. Жалам за овој чин, меѓутоа животот и семејството ги диктираат условите како да живееме.
Семејството Николовски од Топаана, наши побратими веќе 120 години беа тие кои на моите покојни баба Неда и татко Тодор им дадоа кров над глава. Тие не беа само побратими, тие беа и наши кумови. Секој Велигден татко ми го чествуваше на начин посветен на неговите побратими и кумови. Прв ден Велигден во раните утрински часови со црвени јајца во торба одевме татко ми, брат ми и јас кај нашите побратими и кумови. Чин за почит којшто длабоко се врежа во мојата меморија. Чистиот образ, хуманоста и чесноста му беа водилки во сите негови постапки кои ни ги пренесе нам, мене и мојот брат.
Мојата мајка Олга најубавата мома во Гевгелија се омажила во нејзината 18 година. Со својата мекост и љубов никојпат не можеше да ни каже не во нашите барања, мислам мои и на мојот брат, меѓутоа имајќи го предвид карактерот на мојот татко, согласно материјалните можности, таа изгради во моите и очите на мојот брат култ за нашиот татко. Нашиот татко многу почесто го именуваше како Свети Илија, кога требаше со нешто да не заплаши и да даде авторитет. Мајка ми Олга имаше голема желба да има ќерка со која мојот покоен татко никојпат не можеше да се согласи од причини нему познати, бидејќи многу добро го спознал животот на жените во тие времиња, токму преку тешкиот живот на неговата мајка Неда.
Мојата мајка во мене сакаше да препознае можна ќерка, бидејќи до мојата седма година ми пушташе долга коса како за девојчиња, ми врзуваше машни во косата, ми додаваше женски детали во моето секојдневие. Ова го пишувам од причина што на таа возраст се имам изгубено во Скопје и во потрагата моите родители силно загрижени оделе по полициските станици во Скопје, барајќи ме да ме најдат. Кога конечно ме најдоа имаше специфика која отприлика вака е отсликана: го бараме нашиот Пуни на 5 годишна возраст, а полицаецот им вели ние немаме најдено машко дете, ние имаме девојче, а тоа девојче бев јас. Солзите излеани од очите на мојата мајка нема никојпат да ги заборавам во моментот кога требаше да тргнам во прво одделение на училиште. Долгата коса ми ја шишаа во Гевгелија. При моето враќање со воз од Гевгелија на перонот на железничката станица во Скопје кога мајка ми ме здогледа почна да плаче како дете. Знам дека во тие моменти нејзиниот сон да има ќерка се сруши. Денес мојата ќерка Олга во нашето семејство го носи нејзиното име и ја има мојата неизмерна љубов.
Моите мајка и татко си заминаа поради кревкото здравје и тешкиот живот на возраст од 68 години.
Последниов дел ќе го посветам на мојот брат Стефан, темпераментен, немирен и на моменти тврдоглав или што би кажале стари скопјани инаетчија. Постар од мене нецели 5 години, меѓутоа во самото детство разлика од 5 години меѓу браќа е голема разлика. Јас бев спротивност од мојот брат, бев мирен и не многу зборлест. Темпераментот на мојот брат се покажа уште во вториот месец од мојот живот, бидејќи како бебе воопшто не сум плачел и мојот брат дошол до оригинална идеја како да ми го слушне гласот. Ми го зема палецот од мојата лева рака и ми го става врз плочата на печката која ја користевме за греење и подготвување на храна. Веројатно сум вреснал и имал можност да ме слушне како плачам мојот брат, ама белегот од мојот брат и денес го носам на себе.
Улицата како место за наша социјализација брат ми ја воспремаше на многу подруг начин. Правеше сè што моите родители не сакаа да прави, пушеше, играше фанта и џамлии, ги кршеше уличните сијалици со чатал, висеше по оградите на голубарите кои ги имаше многу во нашето маало, а најизразит беше неговиот инает кога во екот на тукушто започнат негов пубертет не сакаше да отвори уста за да му се поправат забите. Немаше сила која ќе го натераше мојот брат да ја отвори устата. Дури и мојот авторитетен татко не успеваше тоа да го стори, а замислете денес мојот брат е стоматолог и голем пријател на медицината. Признавам брат ми достигна голем еволутивен развој од уличен бељаџија до стамен човек и лик. Две работи ми се врежани во моето сеќавање во раното детство. И денес во мојот говор се чувствува дека буквата Р не секој пат точно ја погодувам или што би рекле старите скопјани имам француски акцент при изговор на буквата Р. Со брат ми спиевме во една постела и често пати пред да заспиеме ја игравме тогашната игра на буква на буква. Секој пат јас бев тој кој морав на многу симпатичен начин, па дури и смешен во очите на мојот брат да ја изговорам буквата РРРРРРРРР. И денес не умеам. Во зимските денови кога се греевме само во кујната, а спиевме во ладните спални соби основниот проблем беше како да се стоплиме, така да правевме чифт-тек или компанија за тоа кој прв ќе ја стави ногата на ладната постела во заедничкиот кревет. Вообичаено јас бев првиот кој морав да ја стави ногата поради мангуплукот на мојот брат.
Почитувани, денеска со мојот брат Стефан живеам во прекрасни братски односи на меѓусебна почит. Нашите родители Тодор и Олга изградија во брат ми и мене вистински луѓе. Јас сум горд на моите родители. Анализирајќи се самиот себе дали јас успеав во моите деца да создадам вистински луѓе, мојот заклучок е ДА, јас имам три прекрасно воспитани деца.