ЃАВОЛОТ ЈА ОДНЕСЕ ШЕГАТА, ВЛАДАТА ЈА УКИНУВА ПАНДЕМИЈАТА Ќе влијае ли олабавувањето на мерките врз изборниот резултат?

Симптоматично е тоа што Владата одлучи да ги ублажи рестриктивните мерки во период кога во земјава се одржуваат локални избори, но и во период кога секојдневно гледаме огромна бројка на новозаразени и на починати пациенти од коронавирусот, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ за Плусинфо.

4,852

„Како што тргнале, овие ќе ја укинат и пандемијата до крајот на локалните избори“. Оваа шега деновиве се вртеше на социјалните мрежи откако Владата во вторникот донесе одлука за олабавување на мерките за заштита од коронавирусот во период кога во земјава се одржуваат локални избори и во период кога во земјава секојдневно се бележат високи бројки на новозаразени и на починати лица од ковид-19.

Но, само два дена подоцна, таа шега како да почнува да се претвора во вистина, па на социјалните мрежи, како бустер-доза веќе почнува да се врти и онаа старата: „Ѓаволот ја однесе шегата“.






Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека преку популистички мерки Владата врши класична злоупотреба и дека со сите сили се вклучува во борбата за приграбување гласови за СДСМ во пресрет на вториот круг од локалните избори.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека преку одлуката за олабавување на мерките за заштита од коронавирусот, власта на Зоран Заев сака да го изманипулира народот во пресрет на вториот изборен круг.

– Секако дека е симптоматично тоа што Владата одлучи да ги ублажи рестриктивните мерки во период кога во земјава се одржуваат локални избори, но и во период кога секојдневно гледаме огромна бројка на новозаразени и на починати пациенти од коронавирусот. Власта на Зоран Заев ветува сè и сешто, а со одлуката за ублажување на мерките за заштита од ковид-19 дополнително се потврдува дека целта на СДСМ е да освои неколку гласови повеќе во вториот круг и на тој начин да го ублажи дебаклот што го доживеа во првиот круг. Лидерот на СДСМ очигледно не може да сфати дека граѓаните се позрели отколку што тој самиот ги потценува, а тоа најдобро ќе го разбере кога неговата партија ќе доживее дебакл и на вториот изборен круг. Како и да е, сметам дека и покрај сите обиди и нечесни игри, одлуката за укинување на мерките за заштита нема да се одрази врз изборните резултати – вели Милошоски.

Имер Селмани, поранешен министер за здравство: Не постои никаква поврзаност помеѓу олабавувањето на мерките и изборите, оти ако беше така, тогаш Владата ќе донесеше огромни олабавувања уште пред првиот изборен круг.

Поранешниот министер за здравство, Имер Селмани, во изјава за Плусинфо вели дека олабавувањето на мерките не можат да влијаат на изборните резултати од вториот круг на локалните избори, оти, ако би влијаеле, посочува тој, тогаш Владата би можела да донесе огромни олабавувања уште пред првиот изборен круг.

– Со оглед на тоа што сме во период на избори, легитимно е да се постави прашањето зошто Владата токму сега донесе одлука за олабавување на мерките за заштита од коронавирусот, но сепак јас сметам дека не станува збор за популистички потег и оти олабавувањето на мерките никако не може да влијае на изборните резултати од вториот круг на локалните избори. Ако предлогот за ублажување на мерките пристигнал од Комисијата за заразни болести, која, впрочем, е најмеродавна и постојано ја следи состојбата со пандемијата, тогаш не гледам проблем зошто таквиот предлог да не биде прифатен без разлика на фактот дека во земјава се одржуваат избори. Така што, моето мислење е дека не постои никаква поврзаност помеѓу олабавувањето на мерките и изборите, оти ако беше така, тогаш Владата ќе донесеше огромни олабавувања уште пред првиот изборен круг – објаснува Селмани.

Д-р Илчо Ефковски, специјалист по трудова медицина, вели дека олабавувањето на мерките за заштита од ковид-19 е нелогичен потег, иако, според него, во ред би било да се олабават мерките само за вакцинираните граѓани кои примиле две дози.

Ако јас се прашувам, би дозволил и 100 проценти од капацитетите во угостителските објекти, ама само за вакцинираните граѓани.

Д-р Илчо Ефковски Специјалист по трудова медицина

– Не е проблем да се олабават мерките, ама тоа да важи само за вакцинираните граѓани кои примиле две дози вакцина против коронавирусот и само доколку се поминати најмалку две недели од ревакцинацијата. Вака, мерките се нелогични и дозволуваат лице кое вчера се вакцинирало со прва доза да може да седне во кафуле, во ресторан или да влезе во трговски центар. Ако јас се прашувам, би дозволил и 100 проценти од капацитетите во угостителските објекти, ама само за вакцинираните граѓани. Очекуваме тие граѓани да имаат имунитет, додека, пак, за оние лице кои одбиваат да се вакцинираат, воопшто не треба да има дозвола. Исто така, нелогични се мерките со кои се дозволува лице со една доза да може да влегува во затворени објекти. Се знае што е имунизација, потребно е да се поминати најмалку 14 дена од втората примена доза – објаснува д-р Ефковски.

Со новата владина одлука, неограничен број на гости ќе може да седат на една маса во ресторан или во кафуле. Угостителите сега имаат нов начин на работа, а дека ќе има олабавување во овој сектор, уште пред еден месец најави министерот за економија Крешник Бектеши.

Сепак, останува на сила правилото за исполнетост од 50 проценти од капацитетот во отворените делови од објектите. Дел од граѓаните, сметаат дека оваа одлука е избрзана, посебно ако се земе предвид фактот дека лекарите најавуваат нов ковид-бран.

Поврзани содржини