ЈА ПРЕТЕПАА, ЈА ПОЛЕАЈА СО БЕНЗИН И ЈА ЗАПАЛИЈА Оживува ловот на вештерки во Конго

Нели Адиџа од Здружението на жени за Гардијан изјавила дека во период од јуни до септември се регистрирани 324 обвинувања за вештерство.

586

Расте бројот на жени кои се убиени бидејќи се обвинети за вештерство во источната провинција на Конго. Само овој месец осум жени наводно се запалени или линчувани во три инциденти во провинцијата Јужен Киву.

Нели Адиџа од Здружението на жени за Гардијан изјавила дека во период од јуни до септември се регистрирани 324 обвинувања за вештерство.






Во областа Калаха пријавени се 114 случаи на вештерство, вклучувајќи и пет жени кои се живи запалени и четири кои таканаречената полиција за самоодбрана ги однела во непознат правец.

Боско Мучукива, директор и професор по социологија на Вишиот институт за рурален развој во Букава вели дека интензивниот лов на вештерки е последица на вакуумот во владата.

– Тоа е феномен кој се појавува бидејќи државата потфрлува во своите суштински задачи – полицијата и правосудството не ја работат својата работа – вели тој за Гардијан.

Нападите ги поттикнуваат бајакази, лажни проповеднички и самопрогласени видовити жени. Бајаказите вообичаено се жени кои живеат во тие краишта и кои тврдат дека можат да ги почувствуваат вештерките.

– Сето тоа е будалаштина. Тие немаат никакви моќи ама ја користат лековерноста на народот со кој манипулираат за да стекнат следбеници, репутација и слава во селото – вели Мучукива.

Мухондбо Цикванине, адвокат, вели дека власта во провинцијата во 2014 година забранила олошот да дели правда во Јужен Киву, но дека законот никогаш не заживеал, ниту имало кампања за подигнување на свеста кај јавноста.

Тади Мидерхо, администратор на територијата Кабара, вели дека на неговата територија од почетокот на годината се регистрирани шест убиства, претежно на жени постари од 60 години кои бајаказите ги прогласиле за вештерки.

Обвинителството вели дека е невозможно да ги најде лицата кои ги убиваат вештерките. Од таму додаваат дека поглавиците одбиваат да ги кажат убијците.

Шаша Рубенга, наставник и активист вели дека минатиот месец видел лов на вештерки во селото Цинфунзи.

– Беше утро. Момчиња поминуваа во селото со список на 19 жени постари од 65 години, кои пророчничката ги прогласила за вештерки – вели тој.

Повеќето од жените успеваат да побегнат од куќите кои им се уништени. Други ги спасила војската која пукала во воздух за да ги растера насобраните луѓе.

– Тогаш ги видов момчињата кои ја фатија сосетката Нијабедо, постара жена која има седум деца. Ја претепаа, ја полеаја со бензин и ја запалија – вели Рубенга.

Поврзани содржини