ЗОШТО ЖЕНИТЕ ЖИВЕАТ ПОДОЛГО ОД МАЖИТЕ? Од хромозоми и хормони, до начини на живот и однесување
Подолгиот животен век на жените од оној на мажите е еден од најиздржливите обрасци во човековата историја и науката. Дали е тоа прашање на биологија, хормони или однесување или сето тоа заедно?
Жените живеат подолго од мажите (па и кога разликата е минимална) насекаде во светот. Не само во развиените земји, не само во мирно време, не само во периоди на благосостојба. И при војни, што се подразбира, но и при глад, епидемии… Во затворени религиозни заедници, каде што и мажите и жените имаат речиси идентичен начин на живеење. Или, како што се вели во студијата објавена во Proceedings of the National Academy of Sciences: „Можеби нема поцврст образец во човечката биологија од оваа разлика“.
Имено, жените ги надживуваат мажите просечно за четири до седум години. Во некои земји е поголема разликата, во некои помала, ама изгледа дека никаде не е нула. Ова е забележано во текот на повеќе од еден век анализирање на оваа појава и е присутна во секоја земја за која постојат доволно статистички податоци.
Според нашиот Државен завод за статистика, македонските жени ги надживуваат своите машки партнери за 4,4 до пет години. Односно, Македонките живеат во просек 77,6 години, а Македонците 73, 2 години. Светскиот просек е 4,9 години во полза на жените; Европската Унија е 5,3 години; Монако со 4, 0 (инаку, со најдолг животен век за двата пола); Јапонија 6,0; Латинска Америка 6,2; Супсахарска Африка 3,7; САД 4, 9 години.
Деталниот преглед на литературата од 2010 до 2024 година, објавен во медицинскиот журнал Auctores (август, 2025), со анализа на глобални извештаи за смртност на СЗО и ОН, покажал дека кардиоваскуларните смртни случаи кај мажите се за 1,7 пат повисоки, мажите имаат 22 отсто покуси теломери (специјализирани ДНК-секвенции на краевите на хромозомите, а нивната должина е клучен фактор за стареењето на клетките), а изложеноста на ризично однесување е два до четирипати повисока кај мажите.