ЏАБЕ ДВА НЕГАТИВНИ ПЦР ТЕСТА Еден позитивен тест ве носи во изолација
Секогаш кога има различни резултати од тестови, се зема предвид позитивниот тест и согласно епидемиолошката анкета и анамнеза, лицето добива решение за изолација одреден број денови, велат од Министерството за здравство.
Социјалните мрежи вријат од коментари на нервозни граѓани, кои реагираат дека им пропаднале одмори, деловни патувања, посети на роднини, а причината е позитивен ПЦР тест кој го добиле во некоја од лиценцираните лаборатории и покрај тоа што во ист ден направиле тестови во други лаборатории од каде добиле негативен резултат. Овие граѓани се жалат дека завршиле во изолација и покрај тоа што добиле два негативни теста и се сметаат за здрави.
За слично искуство раскажува сограѓанка која минала два стресни дена. Вели дека била вакцинирана со две дози во Бугарија, каде што требала да патува на деловен состанок и притоа да си го земе сертификатот за извршената вакцинација, па поради тоа ѝ бил потребен ПЦР тест за влез.
– Доживеав два страшни дена во приватните лаборатории низ земјава и навистина не знам кој ги контролира. Вакцинирана сум со „Модерна“ во Бугарија, имам прележано ковид-19, целото семејство сме вакцинирани и правиме сè што е потребно да се заштитиме од вирусот, па сепак завршив во изолација 10 дена – вели оваа скопјанка.
Таа објаснува дека пред да замине во Бугарија направила ПЦР тест во една приватна лабораторија, а резултатот бил позитивен. Истиот ден направила уште еден тест во друга лабораторија, при што резултатот бил негативен, а во истата лабораторија следниот ден направила уште еден тест и повторно добила негативен резултат.
– Два дена стрес за мене и за целото семејство. Испуштен деловен состанок во Софија, потрошени 5.500 денари за тестови. Ставена сум во изолација со што ќе изгубам 10 дена од работа, а работам приватно. А да не зборувам за психичките трауми што ги поминав. Ќе се обратам до сите можни институции и како е можно и покрај двата негативни теста да те стават во изолација – прашува таа зачудено.
Слично искуство споделува уште еден граѓанин кој поради првиот позитивен ПЦР тест, иако имал уште два негативни теста, тој и неговото семејство не можеле да отпатуваат на долгоочекуваниот одмор.
– Лани поради пандемијата не заминавме на одмор и многу се радувавме што оваа година ќе одиме. Имавме уплатено аранжман во Турција и на два дена пред да полетаме направивме ПЦР тестови за да можеме да влеземе во земјата. Според резултатите, јас и сопругата испаднавме позитивни, но веднаш заминавме во друга лабораторија, каде добивме резултати дека сме негативни. Другиот ден повторно направиме тестови и повторно бевме негативни, но од ИЈЗ добивме решение за самоизолација и така пропадна нашиот одмор – вели гневниот скопјанец.
Поради овие зачестени појави побаравме одговори од Министерството за здравство, од каде за Плусинфо велат дека и покрај негативните тестови, сепак како валиден се зема позитивниот тест и лицето мора да остане во самоизолација.
– Секогаш кога има различни резултати од тестови, се зема предвид позитивниот тест и согласно епидемиолошката анкета и анамнеза, лицето добива решение за изолација одреден број денови. Нашата земја ги следи и применува препораките на СЗО. Во дневната статистика на новодијагностицирани пациенти, како позитивни се евидентираат исклучиво лицата кои се тестирани во една од лиценцираните лаборатории кај нас. Секој позитивен резултат, ИЈЗ го идентификува како новодијагностициран пациент – велат од Министерството за здравство за Плусинфо.