Албанската опозиција не му верува на Груби: Колку што Албанец стана премиер, толку Албанци ќе станат „Тигри“

Во специјалната антитерористичка единица „Тигар“ работат полициски службеници кои поминале соодветни тестови и апсолутно не е важно кој од каква етничка припадност е, велат од МВР.

1,067

Зулфи Адили, поранешен државен секретар на Министерството за правда и претседател на партиската комисија за внатрешни работи на Алиjанса за Албанците, се сомнева дека специјалната анитерористичка единица „Тигар“ ќе вработува Албанци како што најави вицепремиерот Артан Груби, кој, наводно добил такво ветување и од премиерот Зоран Заев.

– Од 40 години постоење на единицата „Тигар“ и 30 години постоење на Македонија како независна држава дали имало во таа единица барем еден Албанец? Колку што знам досега немало и не верувам дека ќе има. Груби може да каже што сака, тој кажа и дека Албанец ќе биде премиер. Колку што Албанец стана премиер, толку и во единицата „Тигар“ ќе се вработат Албанци – вели Адили.






Адили, кој е поранешен пратеник на ДУИ, а потоа и на Унитети, а вели дека бил член и на генералниот штаб на УЧК, за Плусинфо ги објаснува своите сомневања дека специјалната полициска единица ќе се отвори за вработување Албанци и ќе почне процес на помирување, како што најави Груби.

– Прво нека кажат одговорните лица на оваа единица, нејзините команданти кои биле и каде биле десет години пред независноста на државата и што правеле. Оваа единица е против Албанците, таа е формирана со идеја и преку пароли да војува против сепаратизам, иредентизам, па потоа тероризам, а всушност е против Албанците – вели Адили кој е еден од основачите на здружението на ветерани на ОНА, а во 2002 година бил активен во координативниот совет со политичките партии ПДП, ДПА и НДП.

Дали и кога во единицата „Тигaр“ ќе се вработуваат Албанци, како што тврди вицепремиерот Артан Груби, дека добил ветување од премиерот Зоран Заев, прашавме во МВР.

– Во специјалната антитерористичка единица „Тигар“ работат полициски службеници кои поминале соодветни тестови и апсолутно не е важно кој од каква етничка припадност е. Како што впрочем, не е важно за ниту една друга единица во рамките на МВР. Постојано има огласи за приклучување кон единицата, на кои можат да се пријават полициските службеници, без oглед од која етничка припадност се. Впрочем, и според член 32 од Уставот секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место – велат од МВР.

Командантот на единицата „Тигар“ Митко Даневски на одбележувањето на 40-годишниот јубилеј рече дека од формирањето до денес низ нејзините редови поминале над 700 припадници на македонската полиција кои со својата професионалност, храброст, висока мотивираност и пожртвуваност, најчесто извршуваат задачи во високоризични и крајно екстремни ситуации.

– Посебно место во историјата на нашата единица имаат припадниците кои извршувајќи ја својата должност на првата борбена линија го дадоа и најдрагоценото, ги положија своите животи – рече Даневски.

Вицепремиерот Артан Груби зборувајќи на роденденот на единицата, кој беше викендов, смета дека тоа е добар знак за напредок и оти е време за помирување.

– Мораме заедно да одиме напред. Очекувам истото да се случи од македонските политичари во некој од нашите настани, на Албанците. Заев ми вети дека во редовите на единицата „Тигар“ ќе бидат вработени и Албанци, и тоа е добро, покажуваме дека државата е заедничка на сите што живееме тука – изјави Груби во гостувањето на ТВ 21.

Стојанче Ангелов поранешен заменик командант на полициските специјалци смета дека вистинското помирување е двонасочен процес во кој активно и внимателно треба да бидат вклучени двете страни.

Според него скандирањето „УЧК“, „Етничка Албанија“, мавтањето со мапи на „Голема Албанија“, како и каменувањето на полицајците кои само си ја вршеа својата работа за време на протестот по пресудата за случајот „Монструм“, не одат во прилог на процесот на помирување. Ваквите настани, вели Ангелов, треба да бидат цел на силна општествена осуда од сите значајни општествени фактори.
Поврзани содржини