ПЕТИЦИЈА Детската клиника „Козле“ да се преименува во „Трајче Нешковски“, неодамна починатиот лекар
Да се обидеме неговото дело вечно да остане запаметено меѓу нас, предавајки го неговото наследство на идните генерации, наведено е во петицијата.
Чувствуваме потреба за покренување иницијатива пред раководните и одговорни органи во државата за преименување на детската болница „Козле” во чест на нашиот колега Д-р Трајче Нешковски, наведуваат од Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС).
„Со овој чекор сакаме да ја подигнеме свеста за неговото дело, големина, заложби и пожртвуваност да помогне на пациентите и луѓето, но и на целиот здравствен систем. Сведоци сме за особеното ангажирање на Трајче Нешковски, од самиот почеток кога беше активно вклучен во работата на ковид-19 центарот во Детската болница ‘Козле‘ што дотолку повеќе ја потенцира неговата величина и го отсликува неговиот карактер и душа. Како негови колеги чувствуваме одговорност и потреба постхумно да направиме напори пред општество да ја издигнеме големината на Трајче – како благороден и хуман човек, здравствен херој, неговото дело да биде етаблирано и признаено, како во лекарската фела, така и во општеството. Да се обидеме неговото дело вечно да остане запаметено меѓу нас, предавајки го неговото наследство на идните генерации“, наведено е во петицијата.
До овој момент потпишани се 720 луѓе.