НЛБ Банка го одложи плаќањето на кредити за три категории граѓани

1,398

Поради продолжувањето на несаканите ефекти од пандемијата предизвикана од ковид-19 вирусот, а со цел да излезе во пресрет на своите клиенти – физички лица за полесно надминување на негативните последици, НЛБ Банка информира дека повторно ќе овозможи одложување на плаќањето на кредитните обврски за сите кредитни продукти.

Во врска со оваа можност, банката ги известува своите клиенти – физички лица, дека на својата веб страница објави детални информации за одложената отплата на месечните кредитни обврски. Ова се однесува на клиентите корисници на кредитни продукти (кредити, кредитни картички и дозволено пречекорување на трансакциски сметки) кои имаат влошување на својата финансиска состојба како последица од ковид-19 кризата, а со тоа и реална потреба од одложување на кредитните обврски. Притоа, за да го искористат правото на одложено плаќање треба да исполнуваат некој од дефинираните критериуми: да имаат престанок на работен однос на кредитокорисникот и/или со него поврзано лице/а и/или ко-кредитобарателот, да имаат намалување на платата од најмалку 10 отсто на кредитокорисникот и/или со него поврзано лице/а /или ко-кредитобарателот или да имаат високи медицински трошоци поради болест предизвикана од ковид-19.






До сите клиенти – физички лица, кои согласно евиденцијата на банката исполнуваат некој од наведените критериуми, доставени се индивидуални понуди. Клиентите кои ќе добијат индивидуална понуда, имаат рок од 10 дена, најдоцна до 14 септември да ја прифатат доставената понудата преку веб страницата на банката.

Истовремено, НЛБ Банка ги охрабрува и повикува сите клиенти – физички лица корисници на кредитни изложености, кои нема да добијат индивидуална понуда, а сметаат дека исполнуваат некој од наведените критериуми, да поднесат барање за одложено плаќање. Барањето може да  го поднесат преку веб страницата, при што преку истата форма потребно е да прикачат соодветен документ како доказ за исполнување на некој од критериумите.

Повеќе информации за можноста за одложување на кредитните обврски за физички лица можат да се добијат на веб страницата https://bit.ly/3hZPs0u или телефон 02/15600.

Поврзани содржини