Сведоците на денешното судење на судијата Владимир Панчевски тврделе дека и покрај АКМИС системот за електронска распределба на судски предметите имало пракса предметите со „звучни“ имиња да се делат рачно.
На рочиштето во велешкиот суд, како што јави Телма, сведочеле две вработени во Кривичниот суд и двајца информатичари.
Панчевски интервенирал и ги делел предмети на судии кога АКМИС системот ќе пренатрупал некој судија со многу предмети. Шефицата на писарницата сведочела дека во 2016 година таа лично му ги однела предметите од СЈО во канцеларија на Панчевски и тој им ги доделил на судијките Лидија Петровска и Татјана Михајлова, без никаков параф или решение.
Инаку скопска Апелација го отфрли барањето на поранешниот претседател на Кривичниот суд Скопје, за изземање на велешкиот суд и префрлување на предметот во Скопје. Според Апелацискиот суд, Судот во Велес е надлежен да му суди на Панчевски.
Владимир Панчевски е обвинет дека додека бил претседател на Кривичниот суд Скопје, направил злоупотреба со распределбата на предмети на судии. Тој е во притвор од 15 јули, кога сам се пријави во истражниот затвор Шутка, откако претходно три дена не беше достапен. Судењето продолжува идниот вторник.