400 МАЧКИ КУРТУЛИЈА ОД ТАВЧЕ Крадат домашни миленичиња и ги продаваат за јадење

Операцијата е отрезнувачки потсетник за огромниот обем на трговијата со мачкино месо во Виетнам.

0

Виетнамската полиција заплени повеќе од 400 мачки во голема акција против синџир за продажба на мачкино месо во Хо Ши Мин – најголемиот град во земјата, објавија групите за правата на животните и тамошните медиуми.

Истрагата за низа кражби на домашни миленици во Хо Ши Мин минатата недела ја доведе полицијата до синџирот за продажба на мачкино месо, при што девет лица се уапсени. Повеќе од 40 од спасените мачки им се вратени на нивните сопственици по еднодневната акција минатата недела, но околу 100 животни умреле во суровите услови во коишто биле чувани. Операцијата е „отрезнувачки потсетник за огромниот обем на трговијата со мачкино месо во Виетнам“, како што рече раководителот на кампањата против мачкино и кучешко месо во меѓународната невладина организација „Хуман свет за животните“.






Надлежните пронашле повеќе од 500 мачки. Овој случај важи за една од најголемите акции против трговијата со мачкино месо во Виетнам последниве години.

Осомничените признаа дека три години фаќале и собирале мачки во Јужен Виетнам, вклучувајќи ги, покрај Хо Ши Мин, и провинциите Тај Нин и Ан Џанг, соопшти полицијата. Според наводите, истрагата е во тек и ги повика граѓаните кои веруваат дека нивните миленици се украдени да им јават на властите за помош при идентификација на животните.

Според „Хуман свет за животните“, околу пет милиони кучиња и еден милион мачки се заробуваат и убиваат за месо во Виетнам секоја година. Милениците, се наведува, често се крадат со стапици од домовите на сопствениците, а кучињата вообичаено се фаќаат со отровни мамки, електрошок-уреди и метални штипки.

И во Виетнам, како и во другите азиски земји, светогледот и ставовите околу јадењето мачкино и кучешко месо, постепено се менуваат. Истражување од 2023 година посочува раст во противењето на јавноста кон оваа практика, особено кај младите луѓе и сопствениците на домашни миленици, при што мнозинството испитаници ја поддржуваат забраната за трговија со месо од кучиња и мачки.

Поврзани содржини