ЗЕЛЕНСКИ ПОДГОТВЕН ЗА НОВИ ПРЕГОВОРИ Украина отворена за сите формати на разговори со САД за мир
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев останува отворен за сите формати на разговори со САД, додека паралелно продолжуваат дипломатските напори и со земјите од Заливот.
Украина е подготвена за сите формати на разговори со Соединетите Американски Држави со цел да се постигне мир преку преговори, изјави вечерва украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во своето редовно вечерно обраќање до нацијата, Зеленски истакна дека украинската дипломатија секојдневно комуницира со претставници на американскиот претседател Доналд Трамп во рамки на процесот на преговори со Русија.
– Украинската дипломатија е во секојдневен контакт со претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп и подготвени сме за сите формати на состаноци – изјави Зеленски.
Тој изрази очекување дека американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер ќе имаат активна улога во дипломатските активности во текот на август.
– Сметаме на Стив Виткоф и Џаред Кушнер да бидат активни во текот на август – рече украинскиот претседател.
Зеленски посочи дека, покрај разговорите со САД, продолжуваат и дипломатските контакти со други меѓународни партнери, особено со земјите од Заливот.
– Продолжуваат дипломатските напори и со други партнери, особено во земјите од Заливот. Засега не можам да откријам повеќе детали – додаде Зеленски.