САД ДАЛЕ ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ЗА НАЦРТ-ДОГОВОР СО ИРАН Катар предлага нуклеарни отстапки во замена за одмрзнување ирански пари

Вашингтон го прифатил нацрт-меморандумот што катарските посредници му го доставиле на Техеран, објави „Ал Араби Ал Џадид“. Двете страни сè уште ги усогласуваат следните чекори, додека расте стравот од нова воена ескалација по американските избори.

197

САД го одобриле нацрт-меморандумот за разбирање што Катар му го предложил на Иран, а документот предвидува заемни отстапки околу иранската нуклеарна програма и замрзнатите финансиски средства. Вашингтон би ослободил дел од иранските пари, додека Техеран би направил отстапка во нуклеарната програма, објави „Ал Араби Ал Џадид“, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.

Катарските посредници веќе ги известиле Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати за предложениот меморандум, а двете земји го поддржале документот.






Според изворите, Вашингтон и Техеран разговараат за истовремено објавување на отстапките. Се усогласуваат и почетните чекори за привремен договор што би овозможил продолжување на преговорите.

Дипломатијата напредува под закана од нови напади

Новиот развој доаѓа по неколкудневни интензивни дипломатски напори, во кои Катар се обидува да ги приближи позициите на Вашингтон и Техеран.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи вчера порача дека преговорите продолжуваат, но дека исходот зависи од Вашингтон.

Техеран бара укинување на американската поморска блокада, олеснување на санкциите за извоз на нафта и ослободување на замрзнатите финансиски средства. За возврат, Иран е подготвен да разговара за повторно отворање на Ормускиот Теснец, но инсистира неговите услови најпрво да бидат исполнети.

Според вчерашните информации на Ројтерс, ирански извори сметале дека нов американски напад е поверојатен од постигнување договор.

Дипломатската трка се одвива во сенка на денешните конгресни избори во САД, по кои постои страв дека претседателот Доналд Трамп би можел повторно да ја засили воената кампања против Иран.

Напади врз остров, неизвеност пред и по изборите

Трамп претходно најави дека нема да започне нови напади пред изборите, но не ја исклучи можноста за воена акција по гласањето. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека конечна одлука за нови напади не е донесена и дека Вашингтон претпочита дипломатско решение.

Во меѓувреме, американските сили извршија ограничени напади врз ирански цели на островот Кешм, во близина на Ормускиот Теснец. Американски претставници ги опишаа како одбранбени операции, а не како почеток на нова голема офанзива.

Војната започна на 28 февруари со американски и израелски напади врз Иран, по кои Техеран возврати со удари врз цели во регионот. И покрај привремениот прекин на огнот постигнат во април, спорот околу поморската блокада и безбедносните гаранции во Ормускиот Теснец останува нерешен.

Поврзани содржини