И ЕУ И СОСЕДИТЕ ДА ПОКАЖАТ ПОЛИТИЧКА ВОЛЈА Дијалогот со кандидатите мора да биде суштински и рамноправен
Претседателката потсети дека Македонија и Словенија уште во 1992 година добиле позитивно мислење од Бадинтеровата комисија, но дека денес имаат сосема различен европски статус.
И Европската Унија и соседите на Македонија, а не само Македонија, треба да покажат политичка волја за надминување на македонскиот евроинтеграциски застој, наместо нови отстапки постојано да се очекуваат само од Македонија, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Самитот за проширување на ЕУ во Брисел, организиран од „Евроњуз“.
Според неа, главните пречки на македонскиот европски пат не произлегуваат од исполнувањето на европските критериуми, туку од недостигот на политичка волја кај одредени соседни земји.
– Ако е потребен прагматизам, многупати покажавме позитивна политичка волја, сега ЕУ треба да го направи истото, и соседите исто така. Затоа што само заедно можеме внатре во ЕУ да го презентираме и браниме регионалниот интерес – рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката потсети дека Македонија го започнала европскиот пат заедно со Словенија, но повеќе од 3 децении подоцна сè уште се соочува со блокади. Македонскиот евроинтеграциски процес го спореди со драмата „Чекајќи го Годо“, поради постојаното одложување на очекуваниот напредок.
„Разговор за идентитетот и јазикот? Не може“
Таа се наврати на Преспанскиот договор од 2018 година и на промената на уставното име, потсетувајќи дека тогаш на граѓаните им било претставувано дека со тој компромис ќе се отстрани последната пречка за членство во ЕУ.
– Нè посетија повеќе од 40 претседатели и премиери. Нашиот аеродром стана како франкфуртскиот. Ни велеа дека ова е последниот услов – истакна претседателката.
Сиљановска-Давкова нагласи дека не може да гарантира нови уставни измени, бидејќи нејзиниот легитимитет произлегува од граѓаните, а одлуката за промена на Уставот е во надлежност на Собранието.
Според неа, македонскиот Устав досега бил менуван 36 пати, а голем дел од амандманите биле наметнати однадвор. Таа посочи дека околу 80% од граѓаните се против нови уставни измени, додека поддршката за членство во ЕУ останува околу 70%.
Претседателката се повика и на европските принципи за почитување на националниот и културниот идентитет, нагласувајќи дека постои граница до која може да се оди во преговорите.
– Рационалните проблеми можеме да ги надминеме. Но ирационалните проблеми? Како да разговарам за мојот идентитет? За мојот јазик? Извинете, не можам – рече Сиљановска-Давкова.
„Ако дијалогот е слушај и постапувај, имаме проблем“
Осврнувајќи се на односите со Бугарија, претседателката рече дека вложува напори за подобрување на комуникацијата и дека ќе продолжи да разговара со бугарските претставници за надминување на разликите.
Сепак, таа предупреди дека членството во ЕУ и правото на вето не треба да бидат основа за нерамноправен однос кон земјите кандидатки.
– Ако моделот или форматот на дијалогот е: „Слушај и постапувај. Јас сум членка, ти не си. Јас имам право на вето, ти немаш“, тогаш постои проблем. Бидејќи дијалогот подразбира рамноправност на соговорниците – рече Сиљановска-Давкова.
Како можен излез од застојот, таа ја посочи постепената интеграција преку пристап до единствениот европски пазар, дигитализацијата и учеството во европските политики и механизми.
Претседателката оцени дека ЕУ има простор за креативни решенија, а во тој контекст го спомена и членот 7 од Договорот за Европската Унија.
Сиљановска-Давкова истакна дека Македонија е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и дека, како членка на НАТО, има јасна евроатлантска определба.
За реформите во правосудството, владеењето на правото и борбата против корупцијата, таа оцени дека постојат капацитети за напредок, но дека се потребни домашна политичка волја и поттик од Унијата.
Во рамките на посетата на Белгија, предвидени се средби со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генералот Алексус Грегори Гринкевич, во Монс.