„САМО 4 ДЕНА РАБОТА? СРБИЈА НЕ Е ИГРАЧКА“ Вучиќ ги обвини студентите дека не се сериозни

Александар Вучиќ го нарече скандалозен предлогот за скратување на работната недела и предупреди дека таквата политика би ги одвратила странските инвеститори. Тој ги обвини претставниците на „Студентската листа“ дека немаат сериозна економска програма и дека не ги разбираат последиците од своите предлози.

0

Српскиот политичар Александар Вучиќ остро ја нападна победничката „Студентската листа“ на изборите поради предлогот за воведување 4-дневна работна недела.

Доскорешниот српски претседател оцени дека таквата мерка би го загрозила економскиот развој и би ги одвратила странските компании од инвестирање во Србија. Во интервју за телевизијата „Информер“, тој порача дека државата не е играчка и дека заслужува многу посериозни луѓе.






Вучиќ, кој е носител на листата „Обединета Србија“, рече дека очекувал да слушне конкретна програма од претставниците на „Студентската листа“, но наместо тоа, според него, слушнал обвинувања за корупција од луѓе што и самите ги смета за корумпирани.

– Како да одиме напред ако работиме само 4 дена во неделата? Дали навистина верувате дека можеме да напредуваме додека работиме толку многу помалку? Тоа е невозможно – изјави Вучиќ.

Тој предупреди дека странските инвеститори би можеле да се откажат од нови вложувања во Србија. Како примери ги наведе компаниите „Брозе“ во Панчево, „Кромберг и Шуберт“ во Крушевац, „Континентал“ и „Ворверк“ во Чачак, како и повеќе фабрики во Ниш.

– А знаете ли што значи тоа? Тоа значи дека компании како CTF во Панчево, „Брозе“ во Панчево, „Кромберг и Шуберт“ во Крушевац, каде што работат 4.000 луѓе, како и „Континентал“, никогаш повеќе нема да дојдат овде – рече Вучиќ.

Според него, компанијата „Џонсон Електрик“ веќе размислува да отпушти 500 работници. Тој оцени дека економските предлози на неговите политички противници би можеле дополнително да ја отежнат положбата на индустријата.

Вучиќ ги обвини претставниците на „Студентската листа“ дека политиката ја водат преку социјалните мрежи, без разбирање за управувањето со државата.

– Не сфаќаат дека државата не е играчка. Се однесуваат како бандити и одметници кои упаѓаат во туѓи домови – рече тој.

Враќајќи се на предлогот за 4-дневна работна недела, Вучиќ праша од каде би се обезбедиле парите за функционирање на државата со намален обем на работа.

– Луѓето овде како да мислат дека парите паѓаат од небо или се вадат од некој магичен лонец. Но, да ве прашам: дали навистина верувате дека е можно на тој начин да се води држава? Една држава навистина заслужува луѓе кои се многу посериозни – порача Вучиќ, пренесува „Танјуг“.

Поврзани содржини