ПО ТРИ ДЕНА БОРБА, ИЗГАСНАТ ПОЖАРОТ КАЈ РАЕЦ Јанчев им се заблагодари на сите што го гаснеа

По три дена непрекината интервенција, пожарот кај селото Раец е целосно изгаснат. Градоначалникот Митко Јанчев упати благодарност до сите служби, институции и доброволци кои учествуваа во гаснењето.

0

Пожарот што три дена гореше во атарот на кавадаречкото село Раец е целосно изгаснат, соопшти вечерва градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Во објава на својот профил на Фејсбук, Јанчев истакна дека по три дена непрекината, тешка и пожртвувана работа, огнената стихија е ставена под целосна контрола.






– По три дена непрекината, макотрпна и пожртвувана работа, пожарот во село Раец е целосно изгаснат. Заедно покажавме дека кога сме обединети можеме да се справиме и со најголемите предизвици – рече Јанчев.

Тој нагласи дека во овие тешки денови уште еднаш се покажала силата на солидарноста и пожртвуваноста на сите кои деноноќно биле ангажирани во борбата со пожарот.

Градоначалникот упати благодарност до Територијалните противпожарни единици од Кавадарци и Неготино, ЈП „Комуналец“ – Кавадарци, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Општата болница Кавадарци, Шумското стопанство „Бор“, Министерството за внатрешни работи, Армијата, ОВР Кавадарци, Граничната полиција – Југ, доброволните противпожарни друштва, како и до сите доброволци и жители на селата Раец и Дреново кои помогнале во гаснењето на пожарот.

– Вашата храброст, пожртвуваност и несебична поддршка беа од непроценливо значење за успешно надминување на оваа сериозна состојба – истакна Јанчев.

На крајот, тој им се заблагодари на сите што на кој било начин придонеле во справувањето со огнената стихија.

Поврзани содржини