МЕЧКА НАПАДНА ДОБИТОК ВО ГОСТИВАРСКО КАЛИШТЕ Сточарите бараат помош од државата
Центарот за управување со кризи (ЦУК) и општините препорачуваат чистење на дивите депонии со храна околу селата и соодветно обезбедување на трлата.
Жителите на гостиварското село Калиште, во Општина Врапчиште, се соочуваат со вистински кошмар откако кафеава мечка упаднала во селото и брутално нападнала домашен добиток. Снимките и сведоштвата кои се прошириле на социјалните мрежи предизвикале страв и паниката меѓу локалното население, кое алармира дека состојбата станува загрижувачка.
Овој инцидент е последен во низата блиски средби со мечки во овој регион. Пред десетина дена жителите од соседното село Добри Дол, исто така во Општина Врапчиште, пријавија дека мечка по вторпат била забележана како слободно шета на улиците во непосредна близина на основното училиште „Сали Лиси“.
Иако кафеавата мечка по природа е повлечено животно, кое ги избегнува луѓето, експертите посочуваат дека нивното однесување драстично се менува кога се нарушени нивните природни живеалишта или кога има пренаселеност. Центарот за управување со кризи (ЦУК) и општините препорачуваат чистење на дивите депонии со храна околу селата и соодветно обезбедување на трлата.
Сточарите велат дека тоа не е доволно и дека е потребна контролирана дислокација или намалување на бројот на мечките во местата каде што тие претставуваат директна закана по човечкиот живот.
Кафеавата мечка во Македонија е со закон строго заштитена уште од 1996 година, а ловот е целосно забранет од 2009 година. Поради ова, нивната популација во региони како Националниот парк Маврово и околните планини, е во постојан пораст.