ЗА ОВАА ВЛАДА НЕМА ЗАБОРАВЕНИ ОПШТИНИ Се обновува пат во Студеничани, убавините на Китка ќе донесат туристи

Радоста на мештаните што ја видовме денеска е доказ дека Владата трасира пат којшто се темели исклучиво на потребите на граѓаните и во таа насока ќе продолжиме, за да го подигнеме квалитетот на живот на сите граѓани на цела територија на Македонија, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински.

205

Во скопската општина Студеничани денеска почна реконструкцијата на 6,5 килиметри долгиот локален пат Драчево-Мотел Китка, проект финансиран од првиот владин повик за финансиска поддршка на инфраструктурни општински проекти.

Градоначалникот Азем Садики, појасни дека станува збор за пат кој се протега од селото Црвена Вода до мотелот Китка, а проектот предвидува негова целосна обнова со неопходната инфраструктура.






– Многу сум среќен што Владата продолжува да ги помага општините, особено руралните. Овој пат е многу битен за нашата општина, затоа што не само што ќе придонесе за побрз, полесен и побезбеден транспорт за жителите во планинските села, туку ќе создаде услови за поттикнување и развој на туризмот и за инвестирање во скопската околина, со оглед на близината и убавината на Китка – истакна Садики.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински порача дека проектот е доказ за посветеноста на Владата да инвестира во подобрување на инфраструктурата во сите општини и региони.

– За оваа Влада не постојат заборавени општини, помагаме онаму каде што е најпотребно, а тоа се руралните средини со сите предизвици коишто ги имаат во дел на капиталните инвестиции. Радоста на мештаните што ја видовме денеска е доказ дека Владата трасира пат којшто се темели исклучиво на потребите на граѓаните и во таа насока ќе продолжиме, за да го подигнеме квалитетот на живот на сите граѓани на цела територија на Македонија – истакна Перински.

Поддршка на сите општини и во периодот што следи најави и премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека Владата ќе продолжи да инвестира во проекти кои ќе значат поквалитетен, покомфорен и поубав живот, независно од политичката определба на градоначалниците.

– Немаме намера да заборавиме ниту едно место на целата територијата на Македонија, ќе инвестираме секаде. Тоа го правиме веќе 9 месеци, покажуваме еден поинаков начин на функционирање на Влада. Ќе продолжиме така и во иднина, бидејќи граѓанинот, Македонецот, Албанецот, Турчинот, Србинот, Ромот, Бошњакот, Влавот и сите останати, се центарот на нашето внимание и сите ние заедно ќе работиме за нивно подобро утре – порача премиерот Мицкоски.

Министерот за животна средина Изет Меџити оцени дека е евидентна разликата во начинот на функционирање на оваа Влада.

Министерот за транспорт Александар Николоски информираше дека во моментов во село Студеничани привршува и реконструкцијата на локален пат долг 840 метри, а во тек е тендерска постапка за изградба на нов пат во Моране, што се проекти со кои дополнително се дава поддршка за подобрување на инфраструктурата во оваа општина.

 

Поврзани содржини