„ВАКВИ УСЛОВИ СЕВЕРНО ДО ВИЕНА НЕМА“ Мицкоски за реновираниот блок на „8 Септември“
Со реконструкцијата се опфатени седум специјализирани операциони сали, одделите за интензивна нега и за патологија, административни кацеларии, кровната конструкција, клиничките лаборатории и придружните простории.
Градската општа болница „8 Септември“ доби целосно реновиран оперативен блок со инвестиција од 12 милиони евра, преку ТАВ програмата. Со реконструкцијата се опфатени седум специјализирани операциони сали, одделите за интензивна нега и за патологија, административни кацеларии, кровната конструкција, клиничките лаборатории и придружните простории.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека станува збор за значаен проект за македонското здравство бидејќи добиваме најмодерен регионален објект и оти, како што вели, „вакви услови северно до Виена нема“.
– Пред да се случи реконструкцијата во операционите сали се влегуваше со чадор. Кога врнеше, кровот течеше. Тоа што сега не можете да го видите, а исто беше опфатено со реконструкцијата е целосната обнова на кровната конструкција каде што се сместени клима коморите кои обезбедуваат третитран воздух со сите параметри – влажност, чистота, итн, но исто така и делот каде се чилерите и другата електромеханичка опрема во подножјето на објектот. Кога сето тоа ќе се заокружи ќе ја добиеме целината која е нешто модерно и современо, што не постои во регионот и за кое како граѓани треба да се гордееме, рече Мицкоски.
Директорот на ГОБ „8 Септември“ Синиша Стојановски посочи дека после неколку децени болницата има комлетно реновиран оперативен блок, како капитален проект што ќе остане за идните генераци. Најави дека реновираниот дел ќе се користи откако ќе се спроведат активности за дезинфекција на објектите и обука на вработените и ќе се добие употребна дозвола од надлежните институции.
– Оперативниот блок ќе овозможи можеби и преполовување на листите за чекање доколку имаме персонал поради што мораме кадровски да се екипираме – рече Стојановски, посочувајќи дека треба да се направи регионализација на услугите со ротација на персоналот, екипирање на центри надвор од Скопје.
Министерот за транспорт Александар Николоски истакна дека се завршува огромен проект од значење не само за Скопје, туку и за целата држава.
– Се работи за врвна здравствена институција во која по оваа реконструкција ќе може да се добијат најдобрите здравствени услуги – рече Николоски, кој сподели дека идејата за пренамена на средствата од ТАВ програмата за оваа болница била на премиерот Мицкоски.
И министерот за здравство Азир Алиу потенцираше дека ГОБ „8 Септеври“ добива инфраструктура по светски стандарди.
– Ова не е само реконструкција на ѕидови туку на начинот како ги креираме и планираме политките во здравството, рече Алиу.
Според генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт, сите операциони сали и простории за интензивна нега се опремени со најсовремена опрема и се во согласност со најновите медицински стандарди и препораките на Светската здравствена организација.
– Веруваме дека секој пациент заслужува достоинствени услови за лекување, а секој здравствен работник заслужува современи услови за работа. Со оваа поддршка сакаме да придонесеме токму за тоа – подобра грижа, поголема ефикасност и повисок квалитет на здравствените услуги – рече Курт.