СТОЈАНЧЕ ПРОТИВ ТРОТИНЕТИТЕ ЗА ИЗНАЈМУВАЊЕ Тие прават само хаос во сообраќајот!
Посочувајќи дека за управување со електричен тротинет не треба полагање и дозвола, Ангелов вели дека на тој начин и деца од 14 години, па и помлади, стануваат рамноправни учесници во сообраќајот, а повеќето од нив не ги познаваат законските прописи за управување на овој вид превозно средство.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на прес-конференција предупреди дека воведувањето на опцијата за изнајмување електричен тротинет во Град Скопје ќе доведе до уште поголем хаос во сообраќајот, бидејќи лицата кои ги изнајмуваат ретко ги почитуваат законските прописи.
Споделувајќи ги податоците од МВР, директорот на ЦУК истакна дека во изминатите две и пол години имало речиси 100 сообраќајни несреќи во кои биле вмешани електрични тротинети.
– Во 2021 имало 30 повредени лица, во 2022 – 49 повредени, а во првите пет месеци од оваа година 11 незгоди во кои учествувале возачи на електрични тротинети, при што 18 лица се здобиле со потешки телесни повреди. Мора да се истакне дека дел од овие повредени лица биле пешаци кои биле удрени од возачи на електрични тротинети. Од неодамна, во сообраќај се пуштени уште 500 тротинети за изнајмување, а граѓаните притоа ретко користат заштитна опрема, како шлем и флуоресцентен елек при ноќно возење – вели Ангелов.
Посочувајќи дека за управување со електричен тротинет не треба полагање и дозвола, Ангелов вели дека на тој начин и деца од 14 години, па и помлади, стануваат рамноправни учесници во сообраќајот, а повеќето од нив не ги познаваат законските прописи за управување на овој вид превозно средство.
– Со цел да укажеме на опасностите од управувањето со електричен тротинет, ние веќе закажавме две координативни средби, на кои не се појавија претставници на сите надлежни институции и органи, па ќе ги поканиме уште еднаш – кажа Ангелов.
Директорот на ЦУК се надева дека на следната координативна средба ќе се одважат да присуствуваат претставници од секторот за сообраќај во Град Скопје, претставници од турската компанија „Бин-Бин“ чии се електронските тротинети кои се достапни за изнајмување, ЈП „Градски паркинг“, како и од РСБСП.
Тој рече дека се случува и помали деца да користат тротинети и апелираше до родителите да внимаваат, бидејќи нивните малолетни деца можат да управуваат со изнајмени тротинети.
– Овие за изнајмување се лесно достапни за секого и покрај возрасните, посебно се ранливи децата, некои од нив не знаат да управуваат, некои немаат доволно вештини да управуваат со електрични тротинети. Лицето коешто управува електричен тротинет со брзина од 25 километри на час при несреќен случај може да се здобие со тешки телесни повреди, па дури и со животно-загрозувачи повреди – кажа Ангелов.
Тој предупреди дека дел од возачите користат и слушалки и можат да се доведат и себе си во опасност и останатите учесници во сообраќајот. Спорно, за него е што дел од возачите не носат заштитна кацига. Тој ги повика медиумите да се развие ова тема во јавноста, да се дебатира.
На референдум во Париз 90 од граѓаните се изјасниле против користење на изнајмени електрични тротинети, зашто создавале безредие и ја намалувале безбедноста и на самите возачи и на останатите граѓани. За една година, објасни Ангелов, во Париз загинале тројца возачи и имало 460 повредени лица. Тој ги повика надлежните институции да почнат кампања за правилно употребување на електричните тротинети, бидејќи расте бројот на корисници и додаде дека како ЦУК немаат против користењето, но бараат да се употребуваат согласно законските прописи.
Ангелов ги сподели и измените на Законот за безбедност во сообраќајот и патиштата донесени пред неколку години се регулира учеството во сообраќај со електричен тротинет.
– Како поважни одредби со кои се регулира учеството во сообраќај со електричен тротинет се издвојуваат: возачот на електричен тротинет е должен да го управува тротинетот по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци (се забранува движење со тротинет на коловоз); возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека, односно лента со брзина поголема од 25 km/h, додека по тротоар, пешачка патека или друга површина наменета за движење на пешаци, не смее да се движи со брзина поголема од 6 километри на час – рече директорот на ЦУК.
За сите оние кои не го почитуваат законот следуваат казни во висина од 50 до 120 евра во денарска противвредност. Па така, тротинети ќе се управуваат само по велосипедски патеки. Таму каде што нема, дозволено е да се вози по тротоар. Движењето на улица ќе се смета за прекршок и ќе се казнува со 80 евра.
– Брзината со која се вози тротинет на велосипедска патека не смее да надмине 25 километри на час, на тротоар и пешачка зона максимумот е само 6 километри на час. Казната за пречекорување на брзината е 120 евра. Возачот на тротинет треба да има наполнето 14 години и не смее да превезува други лица. Прекршувањето на овие одредби се казнува со 50 евра. Задолжително е носењето заштитна кацига на главата како и жолт флуросцентен елек во вечерните часови или при појава на магла. Тротинетот треба да биде осветлен од предната и задната страна со бело односно црвено светло. Секој што ќе биде фатен без опрема ќе биде казнет со 50 евра – истакна Ангелов.