📽️ НЕТАНЈАХУ СО ПЕЈЏЕР ВО РАКА ПРЕД ЦЕЛ СВЕТ Се сеќавате на ова? Хезболах сигурно се сеќава!
Израелскиот премиер го покажа пејџерот како потсетување на операцијата против Хезболах од 2024 година, а во говорот остро ги нападна Иран, Турција и критичарите на Израел.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска пред Генералното собрание на Обединетите нации изјави дека се „заколнал“ дека ќе го спречи, како што го нарече, „иранското убиствено, диктаторско раководство“ да развие атомски бомби и нуклеарно оружје што би можело да биде употребено против Израел.
Непосредно откако Нетанјаху се појави на говорницата, десетици дипломати ја напуштија салата во која се одржува Генералното собрание. Израелскиот премиер оние што ја напуштија седницата ги нарече „морални кукавици“.
Говорејќи за Иран, Нетанјаху рече дека било тешко да се уништат иранските нуклеарни капацитети, но додаде дека за него тоа била „една од најлесните одлуки“ што некогаш ги донел како премиер.
– Ако не го направевме тоа, сите ќе бевме мртви – изјави Нетанјаху.
Осврнувајќи се на обраќањето на сирискиот претседател Ахмед ал-Шара пред Генералното собрание на ОН, во кое тој повика израелските сили да се повлечат од Голанската Висорамнина во Сирија, Нетанјаху рече дека Шара „треба да знае“ дека „еврејскиот народ е на Голанската Висорамнина уште од времето на Мојсеј“.
Тој додаде дека Израел нема да се повлече од таа територија.
Според Нетанјаху, Израел за колонијализам го обвинуваат земји како Франција и Обединетото Кралство, кои, како што рече, го измислиле тој термин.
Нетанјаху ги повтори и тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека американските и израелските сили ја уништиле иранската воена инфраструктура, а Трамп го нарече „најдобриот партнер што Израел го има“.
Тој рече дека Израел води војна „на седум фронта“ – против Хамас, Хезболах, Хутите, Иран, како и против вооружени групи во Ирак и Сирија и палестински вооружени групи.
А потоа следуваше еден од највпечатливите моменти од неговиот говор.
Зборувајќи за Хезболах, Нетанјаху извади пејџер и го покажа пред присутните.
– Се сеќавате на ова? Хезболах сигурно се сеќава – рече тој, потсетувајќи на израелската операција од септември 2024 година, кога илјадници пејџери што ги користеле припадници на Хезболах истовремено експлодираа во Либан и делови од Сирија. Во нападите загинаа 12 лица, меѓу кои и две деца, а повеќе од 3.000 беа повредени.
Нетанјаху ги отфрли и обвинувањата дека Израел извршил геноцид во Појасот Газа, велејќи дека оние што го обвинуваат Израел за тоа, меѓу кои го спомена и градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, треба да се срамат.
Тој тврдеше дека на окупираниот Западен Брег насилство врши „само шака млади делинквенти, околу 150“, кои, како што рече, фрлаат камења или сечат маслинови дрвја.
– Повремено, подметнуваат и пожари – рече Нетанјаху, нагласувајќи дека не го поддржува таквото однесување.
Тој истовремено ги минимизираше извештаите за бројот на загинати на окупираниот Западен Брег.
– Бројот на загинати во една или две години е околу двајца или тројца, наспроти илјадниците терористички напади врз мирните доселеници, чесни луѓе кои го почитуваат законот – рече Нетанјаху.
Нетанјаху го опиша турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган како „тиранин“, а Турција како „последната во низата земји што се супер-ширители на антисемитски лаги“.
Тој изнесе и тврдење дека Ердоган сака да ја преземе контролата врз Сирија.
– Тоа не изненадува, бидејќи тој речиси секојдневно повикува на уништување на Израел и вели дека ќе владее со Ерусалим. Не, господине, нема да го направите тоа – рече Нетанјаху.
Говорот на израелскиот премиер беше проследен со масовно напуштање на салата од страна на дипломати, додека дел од присутните му аплаудираа. Нетанјаху, пак, порача дека Израел ќе продолжи да победува „бидејќи нема друг избор“.