ПРЕЖИВЕАЛ БЛАГОДАРЕНИЕ НА „ЕЛ НИЊО“?! Пијанист спасен oд крузер по 9 часа во Тихиот Океан

Музичарот паднал од крузер и останал сам во водата, на околу 30 километри од брегот на Калифорнија. Невообичаено високата температура на океанот, која достигнала 24 степени, можеби му го спасила животот.

0

Невообичаено топлата вода во Тихиот Океан, поврзана со климатскиот феномен „Ел Нињо“, најверојатно му го спасила животот на пијанист. Тој поминал девет 9 часа во морето откако паднал од крузер. Музичарот бил пронајден на десетици километри од калифорнискиот брег, а двајцата рибари што го спасиле веруваат дека во вообичаени температурни услови немало да преживее толку долго.

Пијанистот, чиј идентитет не е објавен, работел на крузерот „Овејшн оф д Сис“ (Ovation of the Seas) на компанијата „Ројал Карибиан“, јави Би-Би-Си.






Се претпоставува дека паднал во водата околу 2.30 часот по полноќ, а бил пронајден речиси девет часа подоцна, во петокот, во близина на островот Каталина.

Рибарите Грант Герет и Шон Нортон пловеле кога забележале нешто необично на површината на океанот.

– Си помислив: „Тоа е човек. Изгасете го моторот, повлечете ги сите јажиња“ – раскажал Герет.

Кога успеале да го извлечат од водата, исцрпениот музичар им кажал дека работи како пијанист на крузерот.

– Единственото што ни го кажа беше: „Ви благодарам. Мислев дека ќе умрам“ – изјавил Нортон.

Според американската крајбрежна стража, спасениот маж бил пренесен во болница, каде што неговата состојба е стабилна.

Шон Нортон смета дека пресудна за преживувањето била температурата на океанот, која во моментот на несреќата изнесувала околу 24 Целзиусови степени.

– Ова е необична година со „супер Ел Нињо“. Човекот веројатно бил во водата 10 часа, а температурата изнесувала 24 степени. Во која било друга година немаше да има шанси да преживее – објаснил рибарот.

„Ел Нињо“ е климатски феномен што предизвикува невообичаено затоплување на површинските води во делови од Тихиот Океан.

Според информациите наведени во извештајот, температурата на океанот во овој период била за околу три степени повисока од просечната.

Американската крајбрежна стража започнала истрага за околностите во кои пијанистот паднал од бродот.

Адам Јасенда, раководител на спасувачката служба во Њупорт Бич, изјавил за Си-Би-Ес дека мажот бил пронајден на оддалеченост од 25 до 30 километри од брегот.

Компанијата „Ројал Карибиан“ потврдила дека спасениот е член на нејзиниот екипаж.

– Му ја обезбедуваме сета потребна поддршка и помош на нашиот член на екипажот. За да ја заштитиме неговата приватност, не можеме да откриеме дополнителни детали – соопштил портпаролот на компанијата.

Поврзани содржини