БРИТАНСКИ ЛЕКАР ГОТВЕЛ ВО МАКЕДОНСКА МЕАНА После толку ќебапи и шопска, ќе се посвети на пациенти во Норвешка
Малезиски Кинез од Лондон, кој завршил медицина и три години работел како лекар во Шкотска, откако се разочарал во британскиот здравствен систем, запишал кулинарско училиште и сега готви во македонскиот ресторан „Дома“ во Лондон. Деновиве имаше велосипедска тура низ Србија, Бугарија и Македонија, а наскоро планира да се пресели во Норвешка и повторно да работи како доктор
Кога човек ќе помисли на доктор од Лондон кој дошол на одмор во Скопје, веројатно не очекува дека тој ист доктор во британската престолнина работи како готвач во македонска меана, а до Скопје дошол правејќи велосипедска тура по неколку балкански земји за да се запознае одблизу со традицијата, храната и културата, поттикнат токму од својата работодавачка со македонски корени.
Џејмс Ваи Џиан Вонг е Малезиски Кинез кој е роден и живее во Лондон, завршил медицина и три години работел како доктор во Шкотска, но денес професионално е во сосема поинаква средина – во кујна. Во „Дома“, македонската меана на Спасиа Динковски, жена со македонски корени која со својот „Мистик Бурек“ стана вистинска ѕвезда на гастрономската сцена во Лондон, тој се запознал со балканската, а особено со македонската храна, а љубопитноста го донела и лично да ја истражи Македонија.
Џејмс во разговорот за „Арт кујна“ раскажува дека живеел во близина на „Дома“ и преку Инстаграм ја следел нивната работа. Прво дошол со пријатели од Белгија да јадат, му се допаднала храната, а кога видел дека има оглас за работа, се пријавил. Така, наместо во болница, сега помага во една поинаква професија – како готвач. Во ресторанот веќе научил да подготвува и некои македонски јадења, меѓу нив, шопска салата и таратур, а останатите главно само ги финишира откако Спасиа ќе ги направи потребните подготовки.
Токму храната е еден од главните мотиви поради кои сакал да дојде на оваа балканска тура.
Во Македонија пробал бурек со месо, спанаќ и сирење и е воодушевен од вкусот, а особено од цената која според лондонските стандарди е живо џабе. Во старата скопска чаршија пробал и баклава и тулумби, кои исто така му оставиле силен впечаток. Бил на Бит-пазар, каде што јадел ќебапи, шaрска плескавица, а пробал и телешка супа. Иако се острел да проба симит-погача и кукурек, не успеал да најде па се задоволил со одлично подготвено селско месо. Вели дека храната во Македонија ги надминала неговите очекувања и му се допаѓаат сите оние различни вкусови, зачини, свеж зеленчук и овошје, иако преферира готвени јадења за да го почувствува духот на традицијата. Му се допаѓа и македонското вино и е изненаден од бројот на винарии за кои слушнал, иако, за жал, успеал да посети само една.