КРИВА ПАЛАНКА БАРА ПОМОШ ОД ВЛАДАТА ДА ЗАПРЕ ТЕРОРОТ ОД КРАВИТЕ Добитокот царува низ нивите и низ центарот на градот
Повеќе од 1.000 грла добиток неконтролирано се движат низ општината. Се уништуваат земјоделски насади, се оштетуваат приватни имоти и јавни површини и се загрозува безбедноста во сообраќајот. Добитокот секојдневно се движи и низ центарот на градот.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска побара Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на општината и да ги обезбеди потребните ресурси за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток. Барањето произлегува од заклучоците на Општинскиот кризен штаб и оцената дека надлежните институции немаат доволно капацитети самостојно да се справат со проблем од ваков обем.
На прес-конференцијата присуствуваа многубројни граѓани, меѓу кои и лица што претрпеле штети од добитокот.
– Додека институциите ги објаснуваат своите ограничувања и надлежности, граѓаните ги бројат своите загуби и штети – порача Митовски.
Според информациите на Кризниот штаб, повеќе од 1.000 грла добиток неконтролирано се движат низ општината. Се уништуваат земјоделски насади, се оштетуваат приватни имоти и јавни површини и се загрозува безбедноста во сообраќајот. Добитокот секојдневно се движи и низ центарот на градот.
Митовски истакна дека се неопходни дополнителни стручни, логистички, оперативни и финансиски ресурси, специјализирани возила и соодветен простор за сместување на животните. Од Владата побара да обезбеди заедничка, координирана интервенција, со јасен оперативен план, активности по денови, прецизни задолженија и точно утврдена одговорност.
Планот треба да опфати организирано заловување, безбеден транспорт и згрижување на добитокот, како и мерки што ќе спречат повторување на проблемот.
Тој посочи дека од јануари 2022 година до Владата, Министерството за земјоделство, надлежниот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство се доставени стотици пријави и иницијативи. Поднесена е и кривична пријава за мачење животни, а собрани се докази за материјални штети, повреди на граѓани и уништување јавни површини.
Според Митовски, правосилните и извршни решенија за одземање животни од регистрирани одгледувалишта, донесени уште во 2024 година, сè уште не се спроведени во целост. Досегашните делумни интервенции не обезбедиле трајно решение.
Градоначалникот го отвори и прашањето за здравствената состојба и благосостојбата на животните. Тој побара одговори кој го следи добитокот за кој се донесени решенија за одземање, кога се извршени последните ветеринарни прегледи и дали се проценети здравствените и епидемиолошките ризици.
Митовски нагласи дека институциите мора да ги спроведуваат сопствените одлуки и дека ниту партиската припадност ниту приватните интереси смеат да бидат над законот и над правото на граѓаните на нормален и пристоен живот.
– Прогласете 30-дневна кризна состојба, мобилизирајте ги потребните ресурси и помогнете ѝ на Крива Паланка да стави крај на оваа долгогодишна голгота – порача Митовски до Владата.