ПОМЛАДИТЕ СÈ ПОЧЕСТО ДОБИВААТ МОЗОЧЕН УДАР Речиси 2,8 милиони луѓе под 55 години доживеале мозочен удар за една година
Се проценува дека меѓу 2020 и 2030 година стапката на исхемичен мозочен удар, кој најчесто настанува поради згрутчување на крвта и затнување на крвен сад, ќе се зголеми за околу 12 отсто кај луѓето на возраст од 20 до 39 години. Кои се главните фактори на ризик и кои симптоми кај младите лесно се пропуштаат?
Мозочниот удар одамна не е проблем што се поврзува исклучиво со староста. Додека во последните децении бројот на случаи кај повозрасните опаѓа, кај помладите возрасни се бележи спротивен тренд. Особено загрижувачки е што симптомите кај нив понекогаш се нетипични и може да бидат погрешно протолкувани како мигрена, замор или проблеми со внатрешното уво.
Според глобалните процени, во 2021 година речиси 2,8 милиони луѓе помлади од 55 години доживеале мозочен удар, а речиси 90 отсто од случаите биле регистрирани во земји со низок и среден приход. Се проценува и дека меѓу 2020 и 2030 година стапката на исхемичен мозочен удар, кој најчесто настанува поради згрутчување на крвта и затнување на крвен сад, ќе се зголеми за околу 12 отсто кај луѓето на возраст од 20 до 39 години.
Научниците посочуваат дека голем дел од ризикот е поврзан со фактори врз кои може да се влијае. Голема меѓународна студија идентификувала десет променливи фактори кои се поврзани со околу 92 отсто од мозочните удари кај луѓето помлади од 55 години. Меѓу нив се високиот крвен притисок, физичката неактивност, покачениот холестерол, нездравата исхрана, дебелината, пушењето, срцевите заболувања, дијабетесот, консумирањето алкохол и психосоцијалните фактори, како хроничниот стрес и нарушеното ментално здравје.
Високиот крвен притисок сам по себе бил поврзан со речиси половина од мозочните удари во оваа возрасна група, додека недостигот од редовна физичка активност бил поврзан со повеќе од една третина од случаите. Британско истражување на 1.765 пациенти на возраст од 18 до 49 години хоспитализирани по мозочен удар покажало дека 42 отсто имале висок крвен притисок, 24 отсто покачен холестерол, 23 отсто биле пушачи, а 14 отсто имале дијабетес.
Проблемот е и во тоа што високиот притисок, дијабетесот и дебелината кај помладите често остануваат недијагностицирани или недоволно третирани. Според истражувањата, лицата помлади од 55 години со дијабетес имаат околу 3,5 пати поголема веројатност да доживеат мозочен удар или транзиторен исхемичен напад, познат и како мини-мозочен удар, во споредба со оние што немаат дијабетес. Кај лицата со висок крвен притисок ризикот е околу 2,5 пати поголем. Сепак, не може сите случаи да се објаснат со познатите фактори – кај околу половина од исхемичните мозочни удари кај младите не е утврдена јасна причина.
Посебно внимание привлекува фактот дека мозочниот удар кај помладите може да биде потешко препознаен. Американска анализа покажала дека луѓето на возраст од 18 до 44 години се групата што најчесто била испраќана дома од ургентните служби со непрепознаен мозочен удар, често откако се пожалиле на вртоглавица или главоболка. Анкета на британското Здружение за мозочен удар покажала дека една четвртина од преживеаните пациенти помлади од 60 години изјавиле дека првично добиле погрешна дијагноза.
Кај помладите, мозочните удари што го зафаќаат задниот дел од мозокот може да предизвикаат проблеми со видот и рамнотежата, главоболка, болка во вратот или вртоглавица, наместо класичните знаци како спуштен агол на устата, слабост во раката и нарушен говор. Токму затоа овие симптоми понекогаш се припишуваат на мигрена, исцрпеност или проблеми со увото. Дури и ако исчезнат по кратко време, потребна е итна медицинска процена.
Главните предупредувачки знаци се ненадејна слабост или вкочанетост на лицето, раката или ногата, особено на едната страна од телото, отежнат или неразбирлив говор, заматен или изгубен вид, ненадејна вртоглавица, губење рамнотежа, конфузија и силна главоболка. Брзата реакција е пресудна: кај одредени пациенти лековите за разбивање на згрутчувањето се даваат во временски прозорец до 4,5 часа од почетокот на симптомите.
За намалување на ризикот, лекарите препорачуваат редовно мерење на крвниот притисок и проверка на шеќерот и холестеролот, особено кај луѓето со прекумерна тежина или семејна историја на срцеви и мозочни заболувања. Важни се и откажувањето од пушење, ограничувањето на алкохолот и солта, исхрана богата со растителни влакна и најмалку 150 минути умерена физичка активност неделно. Стресот и долгото работно време, исто така, не треба да се занемаруваат.