СТАНА ТАТКО, А ДВА ДЕНА ПОДОЦНА ЈА ЗАГУБИ ПАРТНЕРКАТА Поранешен австралиски фудбалер се прости од жената која починала по раѓањето на нивната ќерка

Марк Хачингс ја сподели трагичната вест на социјалните мрежи, откривајќи дека неговата партнерка починала само два дена откако го родила нивното прво дете, ќерката Софија

31

Поранешниот австралиски фудбалер Марк Хачингс се соочува со огромна загуба откако неговата партнерка Хана починала само два дена по раѓањето на нивната ќерка Софија. Хачингс, кој 120 пати настапил за „Вест Коуст Иглс“ и бил дел од тимот што во 2018 година ја освои шампионската титула, трагичната вест ја објави на Инстаграм.

– Со длабока тага морам да ја споделам ненадејната загуба на мојата прекрасна партнерка Хана, два дена по раѓањето на нашата ќерка Софија. Скршен сум. Нејзин сон беше да стане мајка и затоа ова неверојатно тешко го поднесувам – напиша тој.






Хачингс им се заблагодари на сите што му испратиле пораки за поддршка, додавајќи дека не може на сите да им одговори, но дека искрено ја цени нивната поддршка.

– Софија и јас те сакаме и многу ќе ни недостигаш, Хана – напиша тој.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Mark Hutchings (@hutchjuch)

За Хана се знае дека со Хачингс била во врска најмалку од 2022 година, а двајцата приватниот живот главно го држеле подалеку од јавноста. По неговата објава, бројни негови поранешни соиграчи од „Вест Коуст Иглс“ му упатија пораки со поддршка, меѓу нив и Џек Дарлинг, Марк ЛеКрас, Бред Шепард и Дин Кокс. Поддршка му испрати и австралиската фудбалерка Сем Кер.

Хачингс се пензионирал од професионалниот фудбал во 2021 година, откако најголемиот дел од кариерата го поминал во „Вест Коуст Иглс“. За клубот одиграл 120 натпревари, а еден од најголемите моменти во неговата кариера била титулата во 2018 година, кога тимот го победи „Колингвуд“ во големото финале. Подоцна настапувал и за „Вест Перт“ во ВАФЛ, пред во 2024 година целосно да се повлече од професионалниот спорт.

Причината за ненадејната смрт на Хана засега не е објавена. И самиот Хачингс не открил повеќе детали, па не може да се потврди дали нејзината смрт била поврзана со бременоста или породувањето.

 

Поврзани содржини