ЕВРОПСКИОТ ПАТ НА СКОПЈЕ ТРЕБА ДА СЕ РАЗГЛЕДУВА ВО ЕВРОПСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ Софија одговори на идејата ЕУ да биде вклучена во разговорите меѓу Македонија и Бугарија

Официјална Софија вели дека останува отворена за конструктивен дијалог и дека очекува „нашиот југозападен сосед да ги исполни преземените обврски со цел да се движи напред по европскиот пат“. Изјавата доаѓа откако шефот на македонската диплоамтија ја спомна можноста ЕУ да биде вклучена во разговорите меѓу Скопје и Софија.

0

Пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија е европско прашање кое треба да се разгледува во рамките на европските институции, истакнува бугарското Министерство за надворешни работи во врска со последните изјави на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Официјална Софија вели дека останува отворена за конструктивен дијалог и дека очекува „нашиот југозападен сосед да ги исполни преземените обврски со цел да се движи напред по европскиот пат“.






„Нашето Министерство за надворешни работи истакнува дека Бугарија ја поддржува работата на Европската комисија со секоја од земјите што преговараат за членство, оценувајќи ги постигнатите резултати во рамките на Европската Унија и потсетувајќи дека добрососедските односи се суштински дел од процесот на пристапување и неопходен услов за напредок кон членство во Унијата“.

Претходно во интервју за МИА шефот на макдонската дипломатија ја спомна можноста во дијалогот да биде вклучена трета страна за да се врати довербата меѓу двете страни.

– Дали тоа ќе значи вклученост на поединечни земји членки, дали ќе значи вклученост на европските институции, битно е да има минимум уште една страна во тој процес, што ќе помогне да почнеме да ја градиме довербата. Затоа што како што има нагласено повеќе пати претседателот на Владата во моментов меѓу нас и Бугарија фундаментално недостасува доверба – изјави Муцунски.

Министерот од Њујорк ги повтори црвените линии на Македонија во преговорите.

– Позициите кои што ние ги пренесуваме се апсолутно јасни, истакнати повеќе пати, а тоа е дека да, ние сакаме да тргнеме напред на патот кон Европската Унија, конечно да ја добиеме таа можност да ги отвориме преговорите, но исто така не сме подготвени по било која цена да прифатиме компромис кој што на државата не и обезбедува предвидливост. Затоа за нас е значајно во сите разговори кои што понатаму ќе ги имаме со Бугарија да има и вклученост на ЕУ – вели во интервјуто Муцунски.

Поврзани содржини