УНИШТЕНИ 202 ЛИТРИ, ОДНОСНО КИЛОГРАМИ СЛАДОЛЕД И МРАЗ Контролирани 560 оператори, изречени казни од 19.430 евра

Во контролите на АХВ спроведени од почетокот на јули до крајот на август биле откриени нерегистрирани оператори, недостиг на анализи и здравствени прегледи, неправилно означување и несоодветни хигиенски услови.

76

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) при 560 вонредни инспекциски контроли кај производители на сладолед и мраз, како и во угостителски објекти кои сами произведуваат и ставаат во промет вакви производи за сопствени потреби, утврдила 140 неусогласености.

За утврдените прекршоци биле изречени 45 парични казни во вкупна вредност од 19.430 евра во денарска противвредност, а како небезбедни биле нештетно уништени 202 литри, односно килограми сладолед и мраз.






Контролите биле спроведени од почетокот на јули до крајот на август, согласно одредбите од Законот за безбедност на храната.

Од АХВ информираат дека во рамки на засилените надзори биле опфатени оператори кои произведуваат сладолед и мраз, но и угостителски објекти кои ваквите производи ги произведуваат и ги ставаат во промет за сопствени потреби.

При контролите било утврдено дека 17 оператори не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Кај 64 оператори не биле направени анализи на сладоледот и мразот, додека кај 20 биле утврдени неправилности во означувањето на производите. Кај тројца оператори било утврдено дека мразот го набавувале од нерегистриран добавувач.

Инспекторите затекнале и вработени лица без спроведени задолжителни здравствени прегледи. Такви неправилности биле утврдени кај 10 оператори.

Незадоволителни хигиенски и технички услови биле констатирани во пет од контролираните објекти. Дополнително, 19 оператори немале воспоставено процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, како и процедури за чистење на ледоматите.

Кај четири оператори немало записи за следливост на производите, а кај еден оператор не биле спроведени задолжителните мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

Од АХВ посочуваат дека ваквите контроли се дел од активностите за обезбедување безбедна храна и почитување на законските и хигиенските стандарди кај операторите со храна.

Поврзани содржини