📽️ СРЕЌЕН РОДЕНДЕН, БОКИ 13, А ЧЕСТИТКИ И ЗА АДВОКАТОТ ДИМИШКОВ Во „Дион“ славеа и ѕвезди на аферата „Рекет“
Честа на една влијателна судско-обвинителска екипа, којашто се доведуваше во врска со аферата „Рекет“, ја одбрани адвокатот Васил Димишков.
Вчера шоуменот Бојан Јовановски, популарниот Боки 13, ја раситни 40-ката, со гала прослава во ресторанот „Дион“ во Скопје. Меѓу повеќето познати фаци на прославата, внимание предизвика и адвокатот Владимир Димишков, една од ѕвездите на аферата „Рекет“.
View this post on Instagram
Aдвокатот Димишков е брат на судијката Весна Димишкова, која како судија на претходна постапка во случајот „Империја“ му го одреди и продолжи притворот на бизнисменот Орце Камчев. Како што е познато, Камчев на суд тврдеше дека уште во август 2018 година Димишков му кажал дека е под посебни истражни мерки и му побарал 100.000 евра, при што му понудил и можност да влијае за поблага мерка и практично му изложил „ценовник“ за различните мерки.
Димишков го негираше ваквото толкување и тврдеше дека Камчеви сакале да го ангажираат токму за неговата сестра да мора да биде изземена од „Империја“, па намерно кажал превисока адвокатска цена за да го одбијат.

Но, Димишков потврди дека работел правни работи за „Меѓународниот сојуз“ на Бојан Јовановски, а потоа и за Бокиевата 1ТВ. На судењето беше презентирана нивна комуникација поврзана со СЈО, а особено внимание предизвика употребата на кодното име „Мајка“ за спеџијалната јавна обвинителка Катица Јанева. Димишков, пак, тврдеше дека Јанева никогаш лично не ја запознал.
Уште поинтригантно, на судењето беше пуштена и аудиоснимка од разговор меѓу Боки 13, Ана Камчева и адвокатот Димишков, ама по барање на обвинителката Вилма Русковска јавноста беше исклучена од судницата додека се слушаше снимката.
Весна Димишкова сега е судија во Апелациониот суд Скопје. Судскиот совет ја избрал во ноември 2023 година, како една од четворицата нови апелациони судии од кривичната област. Истиот Апелационен суд во март 2025 година му ја намали казната на Бојан Јовановски за „Рекет“ од 9 на 5 години, со што практично го ослободи од натамошно издржување на казната.
Од 2 јуни 2025 година, Весна Димишкова е претседател на кривичен совет на овој суд, во чиј состав, покрај неа, бил и судијата Ѓоко Ристов, сега познат по оние 300.000 евра што му ги најдоа закопани во ѕид. Велат дека Ѓоко Ристов е во кумовска врска со Васил Димишков, но сега е во куќен притвор и е оправдано отсутен од прославата во „Дион“.
На снимките не можат да се забележат и сестрите Дика, своевремено поврзани со Бокиевиот „Меѓународен сојуз“. Мери Дика сега е уставна судијка, а беше претседателката на скопска Апелација кога падна одлука за Бојан Јовановски.
Честа на одличната екипа во „Дион“ ја бранеше Васил Димишков. Останува да виси дилемата дали неговата сестра Весна Димишкова има директна врска со одлуката на Апелациониот суд во Скопје со која Бојан Јовановски се најде на слобода.
Ние на Боки 13 му посакуваме да ужива во слободата и да слави многу родендени. Честитки и за Васил Димишков и за сите други видни и влијателни луѓе кои денес соработуваат и се дружат со главниот јунак од аферата „Рекет“.
Историјата на аферата „Рекет“ да ја оставиме по страна. Историјата навистина е учителка на животот, но ние сме лоши ученици…