СЛУШАЈЌИ КАКО ЈА ГРАБНАЛЕ ВАЊА, ТАТКОТО АЛЕКСАНДАР ПОЧНА ДА СЕ ТРЕСЕ ОД ПЛАЧЕЊЕ Во планот на Палевски за грабнување била и ќерка на газда на фармацевтска фирма
Еден месец претходно Палевски кажуваше за повеќе особи, една запамтив. Страшо, поранешниот директор на Гранит. После тоа, се случи за жена, 38-40-годишна возраст, ќерка на некој од фармацевтските куќи. Цело време, пред грабнувањето, десетина дена претходно, ја следел и така ни кажуваше, за да ѝ ги види навиките, кога излегува, каде работи. Наводно и ја сликал со телефон. Ни ја покажа сликата, имаше 40-годишна жена. Не знам дали ја фотошопирал сликата – рече Манев.
Вечерта по убиството на Панче Жежовски, на 23 ноември 2023 година, четворицата обвинети Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Љупчо Палевски, повторно се сретнале во Скопје.
Велибор Манев сведочеше дека не сакал да дојде таа вечер и дека се обидел да се извади дека нема пари, но Љупчо Палевски му ги дал клучевите од пикапот „кангу“.
– Дали дојдовте истата вечер во Скопје?
-Да. Нѐ однесе вечерта до местото викако Оризови дупки, дека тоа ќе било импровизација. Видов пат и лозје под самикот пат и некои бетонирани соби, мислев дека таму ќе се чува грабнатата жена. Го видовме местото и се вративме во канцеларија, чекавме, рано беше, прилегнавме да дремнеме. Во четвртокот сабајлето тргнавме да ја грабнеме жената. Задоцнивме временски и оти не можевме да стигнеме навреме, се вративме со „цитроенот“, кој претходно го зедовме од паркингот. Се вративме на истиот паркинг, но сега го паркиравме „цитроенот“ од лева страна, кон главната улица што води кон Маџари. Отидовме во канцеларијата, не се задржавме многу и оттаму продолживме во Велес, со пикапот „кангу“ – рече Манев.
– Кога пак дојдовте во Скопје? – праша адвокатот.
– Четвртокот ноќта пак бевме во Скопје, за по втор пат да се обидеме да ја грабнеме жената што претходно ја лоцирал Љупчо Палевски. Утрината стасавме на местото, пред зградата. Требаше, според кажување и организација на Палевски, жената откако ќе се симне, да ја бутнеме во сутеренот на зградата и таму да ја врземе. Но, и покрај тоа што не соодветсвуваше таквото грабнување, од дуќан кај сутеренот излезе една жена и така пропадна и вториот обид – рече Манев.
– Кого планиравте да грабнете? – праша адвокатот.
– Еден месец претходно Палевски кажуваше за повеќе особи, една запамтив. Една беше ќерка на Страшо, поранешниот директор на Гранит. После тоа, се одлучи за жена, 38-40-годишна возраст, ќерка на некој од фармацевтските куќи. Цело време, пред грабнувањето, десетина дена претходно, ја следел и така ни кажуваше, за да ѝ ги види навиките, кога излегува, каде работи. Наводно и ја сликал со телефон. Ни ја покажа сликата, имаше 40-годишна жена. Не знам дали ја фотошопирал сликата – рече Манев.
– Кога го грабнавте женското лице? – праша адвокатот.
– На 27 ноември, тоа беше во третиот обид – рече Манев.
– Од каде тргнавте од Скопје? – праша адвокатот.
– Во текот на викендот Палевски и уште некој, не знам кој, возилото на Жежовски го пренеле во Радишани, кај пазарот. Утрото нѐ однесе таму со „кангуто“, нѐ остави тројцата таму, мене, Боре и Кешишев. Го запаливме возилото и тргнавме кон зградата каде требаше да извршиме грабнување. Нѐ има на снимките, беше покажано како се движме. Палевски се движи пред нас, ние тројца во возилото на Панче. Не ги знам точно улиците, но нашето движење беше прикажано на снимките – рече Манев.
– Како комунициравте? – праша адвокатот.
– Јас, Боре и Палевски имавме мотороли – рече Манев.
– Како го изведовте грабувањето и кои бевте? – праша адвокатот.
– Откако вториот пат беше неуспешен обидот да ја грабнеме надвор од зградата, Палевски ни објасни како се отвора вратата на самата зграда и внатрешниот ентериер и распоредот на скалите. Дека има одзади подрумски скали и дека одвнатре може полесно да се земе жената. Кога стигнавме, Влатко остана во „цитроенот“, јас и Боре влеговме во влезот на зградата. Немаше светилки, темно беше. Светлина доаѓаше од самата влезна врата. Чекавме. Одвреме-навреме Палевски по моторолата ни кажуваше колку е часот, до времето до 7.20, кога треба да излезе жената. Во 7.20 јас бев под скалите, Боре чекаше со селотејп лента ставена на раката, и кога личноста се симна, Боре ја грабна со едната рака, а со другата ѝ ја залепи устата со селотејп. Ја повлековме под скалите, кон потемното. Таа излезе од лифтот, спуштајќи се по скалите да излезе од влезот. Според сликите што ни ги даваше да ги гледаме на телефон, особата беше идентична. Ја врзавме, ја ставивме во вреќа за спиење, која претходно ја зедовме од канцеларија. На Влатко му беше јавено да ја донесе колата пред влезот и да го отвори гепекот, за да може да ја ставиме во гепекот – рече Манев.
На ова сведочење таткото на Вања, Александар почна силно да плаче по што беше изнесен од судницата и судот даде пауза.