📽️ 26-ГОДИШНИК ЗАСТРЕЛАН ОД МОТОР ВО ДВИЖЕЊЕ Крвава пресметка на Пластичарска улица

Според информации од МВР, во нападот учествувале двајца напаѓачи на мотор, а починатиот 26-годишник бил дел од поголема, петчлена група, која била нападната.

139

Дваесет и шестгодишно момче е убиено во оружен напад што синоќа се случил на булеварот Никола Карев, познат како Пластичарска улица во Скопје, објави Телма.

Според информациите на телевизијата, кон 26-годишникот било пукано од лице кое се движело со мотор. По нападот, тешко повредениот маж бил итно пренесен во Клиничкиот центар во Скопје, каде лекарите се обидувале да му го спасат животот.






И покрај укажаната медицинска помош, тој во текот на ноќта им подлегнал на повредите.

Напаѓачот веднаш по пукањето избегал од местото и по него се трага.

Телма, повикувајќи се на неофицијални информации, објави дека осомничениот за пукањето наводно е лице кое издржува затворска казна, а во моментот на нападот било пуштено на викенд. Оваа информација засега не е официјално потврдена од надлежните институции.

Првичните сознанија, според истиот извор, упатуваат дека зад убиството би можела да стои пресметка меѓу криминални групи поврзани со трговија со дрога. За овие наводи во моментов нема официјална потврда.

Според информации од МВР, до кои дошла Скопје.мк, во нападот учествувале двајца напаѓачи, а починатиот 26-годишник, со иницијали А.М., бил дел од поголема, петчлена група, која била нападната.

Пукањето било пријавено синоќа околу 23:30 часот, а нападот се случил во близина на раскрсницата меѓу улиците „Прохор Пчински“ и „Војдан Чернодрински“.

Според МВР, во моментот на нападот Д.Г. (29), А.Џ. (24), К.Б. (36), Е.Б. (25) и А.М. (26), сите од Скопје, стоеле пред излог на фирма.

Тогаш пред нив застанал мотоцикл на кој имало две лица. Од мотоциклот било пукано со огнено оружје кон групата, по што двајцата напаѓачи побегнале.

Еден од испуканите проектили го погодил А.М. Тој со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што починал.

Од МВР засега не соопштуваат дали напаѓачите се идентификувани, ниту што е можниот мотив за убиството.

 

Поврзани содржини