МАКЕДОНЕЦ ЗАГИНА НА ПАТОТ „АДРИЈАТИКА“ ВО ИТАЛИЈА Стефан тргнал на работа, удрил во ѕид
Стефан Ѓераски, Македонец кој со години живеел во Ортона, загина утрово откако со својот „фолксваген голф“ излетал од патот и удрил во бетонски потпорен ѕид. Италијанските медиуми објавија дека зад себе оставил сопруга и мало дете.
Македонец загина утрово во тешка сообраќајна несреќа кај Ортона, во италијанскиот регион Абруцо. Стефан Ѓераски живеел во овој град, каде што имал семејство, а според локалните медиуми, утрото тргнал кон Потенца поради работа.
Несреќата се случила околу 7.15 часот на државниот пат 16 „Адријатика“, на делницата меѓу бензинската станица ЕНИ и кружниот тек Сан Пјетро. Неговиот „фолксваген голф“ излетал од траекторијата и силно удрил во армирано-бетонски потпорен ѕид.
Непосредно пред несреќата, Ѓераски застанал во локален бар за појадок. Потоа го продолжил патувањето кон Потенца, каде што работел, објави локалниот портал Abruzzo Popolare.
Ударот бил кобен. Екипата на итната помош можела само да ја констатира неговата смрт. Според досегашните информации, во несреќата не учествувало друго возило.
На местото пристигнале карабинерите од Ортона, пожарникарите и екипа на итната помош. Истрагата треба да утврди зошто Ѓероски ја загубил контролата над автомобилот.
Италијанските локални медиуми пишуваат дека Ѓераски подолго време живеел во Ортона, каде што бил познат во локалната средина. Бил оженет и татко на мало дете.
Поради несреќата, државниот пат 16 бил затворен во правец кон Пескара од околу 8.30 до 9.40 часот. По увидот и расчистувањето, сообраќајот бил повторно воспоставен.
Телото на Ѓераски, по завршувањето на неопходните постапки, им било предадено на семејството. Според Abruzzo Popolare, погребот е најавен за вторник претпладне во катедралата „Сан Томазо“ во Ортона.