ПАРИТЕ НА ИДНИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ ОД ВТОРИОТ СТОЛБ ЌЕ СЕ ВЛОЖУВААТ СПОРЕД НИВНАТА ВОЗРАСТ Најмал ризик во инвестирањето и најмали приноси ќе има за оние пред пензија
Заштедите на осигурениците до 45 години ќе се вложуваат во поризични поризични портфолија на пазарот на финансиските трансакции. Парите на оние од 45 до 57 години, ќе бидат вложувани во некои средни не толку ризични инвестиции. Последната категорија е 57 години плус, односно до нивното понзионирење на 62 до 64 години и таму согласно постоечките закони да биде сегашниот модел да нема никаков ризик.
Комисијата за социјална политика, демографија и млади и Законодавно-правната комисија денеска во прво читање расправаа и ги проследија во натамошна расправа предлог законите за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.
Со нив се предлага воспоставување три вида на портфолија: растечко, балансирано и конзервативно кои претставуваат посебни делови на фондовите и се разликуваат согласно нивото на инвестиционен ризик и структурата на вложувања. Тие ќе зависат и ќе се применуваат согласно возраста на осигурениците, членови во овие фондови.
– Суштинската измена на самите закони се однесува на отворање на можноста пензиските друштва, кои што го менаџираат овој систем, да имаат можност по портфолија во три категории да направат инвестиции. Денеска за жал по сите анализи коишто ги направија релевантните чинители пензиите на оние коишто излегуваат како први пензионери по 20 години од примената на овој пензиски систем се недоволни, односно процентот на принос на нивните средства кои ги вложувале во фондовите е мал споредено со процентот на инфлациите во овој период од 20 години – појасни министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.
Поради тоа, нагласи тој, Министерството го предлага ова како можност да се стабилизира делот на приносот на оние коишто се осигуреници во самиот систем.
-Тоа се портфолија по категории на години коишто треба да ги опфатат законите, односно до 45 години, нивните заштеди да бидат вложени во поризични портфолија на пазарот на финансиските трансакции. Потоа помеѓу 45 и 57 години, кои се средната категорија, и нивните средства да бидат вложувани во некои средни не толку ризични инвестиции. Последната категорија е 57 години плус, односно до нивното понзионирење на 62 до 64 години и таму согласно постоечките закони да биде сегашниот модел да нема никаков ризик во однос на нивните приноси бидејќи се многу блиску до остварување на старосната пензија – рече министерот Велковски.
Според него, со ова се отвора можност, како и во многу други земји, овие друштва имаат поголеми можности да ги менаџираат приносите на идните пензионери.
Утврдувањето на видот на портфолио, според предлозите се врши во зависност од возраста на членовите на задолжителните пензиски фондови во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.
„ Со воведување на повеќе инвестициски портфолија со различно ниво на ризичност се овозможува обезбедување поголем очекуван принос за помладите членови на задолжителните пензиски фондови преку повисоко ризични портфолија, зголемување на стабилноста за членовите кои се приближуваат кон пензија преку преминување во балансирани портфолија кои комбинираат принос и умерена заштита од пазарни флуктуации“, се вели во образложението на предлог законите.
Со нивното усвојување се очекува намалување на ризичноста со приближување кон пензионирање, со цел заштита на досега акумулираните средства преку конзервативни стратегии на инвестирање и минимизирање на можните пазарни шокови во завршната фаза од членството.