ПЕНДАРОВСКИ НЕГИРА ДЕКА ГРАДИ ЗГРАДА ВО ВЛАЕ СО МУСЛИУ Тврди дека нема деловна поврзаност со ниедно лице кое го именувал на функција
Под целосна морална, материјална и кривична одговорност тврдам дека ниту некогаш сум имал, ниту денес имам каква било деловна поврзаност со кое било лице кое согласно моите уставни и законски надлежности сум го именувал во рамките на мојот претседателски мандат, а тоа е многу лесно проверливо од страна на институциите, се вели во реакцијата на поранешниот претседател, Стево Пендаровски на на денешната прес-конференција на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Поранешниот претседател, Стево Пендаровски реагираше на денешната прес-конференција на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски кој го праша дали гради зграда во Влае со поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу.
„Денешниот прес на ВМРО-ДМПНЕ пред градежен објект во изградба во Скопје е потврда за политичката дезориентираност на таа партија која дневно фабрикува афери со темпо кое не е видено од независноста до денес.
Независно од небулозите кои беа прочитани за некаква моја наводна финансиска и деловна поврзаност со објект кој го гради лице кое пред 7 години било именувано од мене како тогашен претседател на државата, сакам да го изјавам следново: Под целосна морална, материјална и кривична одговорност тврдам дека ниту некогаш сум имал, ниту денес имам каква било деловна поврзаност со кое било лице кое согласно моите уставни и законски надлежности сум го именувал во рамките на мојот претседателски мандат“, се вели во реакцијата на Пендаровски.
Тоа е, додава Пендаровски, многу лесно проверливо од страна на институциите кои „се тотално под контрола на владејачката партија, се разбира, ако тоа сакаат да го направат“.
„Следејќи ја истата „логика“, очекувам партијата уште денес да одржи прес-конференција пред Белата палата и да го праша својот лидер дали евентуално бил бизнис партнер со својот бодигард кој беше уапсен под сомнение дека за 50.000 евра наводно оддавал службени тајни. Се разбира, таквата первертирана методологија за денунцирање на луѓето може да се примени и во цела серија други криминални афери каде што во јавноста се спомнуваат лица директно именувани од Христијан Мицкоски или пак негови најблиски соработници, но, за тоа потоа. Прво, портпаролот на партијата нека ја оддржи прес-конференцијата која му ја предложив. Според денешниот настап, „аргументите“ веќе ги поседува“, вели поранешниот претседател, Стево Пендаровски.