„Скопско ехо“ слави јубилеј, излезе од печат 150-от број на весникот
Од редакцијата на „Скопско ехо“ истакнуваат дека јубилејот е особено посебен бидејќи се случува во време кое се карактеризира како период на сè потешко опстојување на печатените медиуми.
Од печат излезе јубилејниот, 150. број на неделникот „Скопско ехо“, кој, како и секој четврток, повторно ќе се најде во рацете на скопјани.
Четири милиони и двесте илјади примероци, илјадници статии, фотографии и други прилози посветени на проблемите на скопјани, простор за идеите, предлозите и ставовите на граѓаните, сето тоа е опфатено на страниците на единствениот бесплатен весник кој се доставува до нив во изминативе 40 месеци.
Од редакцијата на „Скопско ехо“ истакнуваат дека јубилејот е особено посебен бидејќи се случува во време кое се карактеризира како период на сè потешко опстојување на печатените медиуми.
Желбата на основачите на неделникот, но и на редакцијата е на граѓаните да им се понуди квалитетен и широко достапен весник.
„Скоро никој не ни веруваше дека ‘Скопско Ехо’ може да опстане како бесплатен неделник, потпрен само на редакциската решителност и на рекламите, без да бара субвенции од власта или помош од опозицијата“, велат од редакцијата на неделникот.
Првиот број на „Скопско ехо“ се појави на 26 октомври 2016 година. По 150 отпечатени изданија во вкупно 4,2 милиони примероци кои им се поделени на скопјани, статистиката покажува дека во последните 40 месеци секој скопјанец добил по седум примероци од неделникот.
Редакцијата на Плусифо им го честита јубилејот!