„ПОСТОЈАНИОТ ТЕРОР НА СТОЈАНЧЕ ЈА ОДВЕЛ ИВАНА ВО СМРТ“ Обвинителката побара максимална казна за сите 3 кривични дела
Одлуката за самоубиство не била според слободната волја на Ивана, туку како резултат на очај и беизлезност. Критичниот ден таа не донела слободна и автономна одлука, туку била во психолошки колапс, а перцепцијата ѝ се стеснила на една единствена опција, прекин на состојбата, објасни обвинителката Бојчевиќ.
Обвинителката Адела Бојчевиќ побара денеска Судот да изрече максимална казна за сите 3 кривични дела кои му се ставаат на товар на обвинетиот Стојанче Јовановски, со што, според неа, ќе се утврди одговорноста и ќе се изврши превенција. Обвинителката Бојчевиќ во завршните зборови рече дека таквата пресуда ќе биде порака до јавноста дека психичкото и физичкото насилство може да доведе до тешки последици и дека не смее да се толерира.
Денеска беа кажани завршни зборови од страна на обинителката во предметот против Стојанче Јовановски, чија сопруга Ивана Јовановска на 02.03.2026 година се самоуби фрлајќи се од 6. кат од станот во населбата Тафталиџе, при што со себе ја понесе во смрт и нивната 6-годишна ќерка Катја Јовановска. На Јовановски му се суди за 3 кривични дела: Телесна повреда, Загрозување на сигурноста и за Наведување на самоубиство и помагање на самоубиство.
Обвинителката Бојчевиќ изврши прецизирање на обвинението, без да влијае на суштината на обвинението и правната квалификација на трите кривични дела, а во насока на појасно прикажување на динамиката на настаните, што произлезе од изведените докази.
– Во точка 1, на 2.3.2026 во период од 11 до 12.30 часот во повеќе наврати, телесно ја повредил Ивана Јовановска, пред гимназијата Нова ја удрил со шлаканица, па потоа во возилото на сведокот Мартин Саздов ја удрил со тупаници и ја давел Ивана, ја навредувал и ѝ се заканувал, ѝ велел „подобро уби ме, оти ќе излезам од затвор, мамето ќе ти го ебам“, па пред Кривичниот суд исто така, ја удирал, а Ивана добила подливи на лицето. Во точка 2, на 2.3.2026 обвинетиот ѝ се заканувал на Ивана со што кај неа предизвикал чувство на страв и несигурност. Откако ја зеле малолетната Катја од училиште, цело време до дома ѝ се заканувал, „ќе видиш што ќе ти направам, ќе излезам од затвор и ќе те убијам“. Точка 3, во повеќе наврати и на повеќе локации обвинетиот сурово постапувал кон Ивана, која извршила самоубиство околу 14 часот, кое може да се препише на небрежност на обвинетиот. Тој во 2023 ја натерал да му го препише идеалниот дел од заедничкиот стан, а да остане да живее во него, заедно со детето по што, сѐ почесто и посурово ја тепал, пред ќерката, на јавни места пред сведоци и дома, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка од дома и ќе ѝ ја одземе ќерката. На 2.3.2026 продолжило насилството, ѝ се заканувал дека нема да ја види ќерката, дека ќе ја исфрли од станот, навредувајќи ја постојано. Со континуирано насилство, обвинетиот Јовановски кај Ивана предизвикал тешка психичка вознемиреност, страв и безизлезност, поради што Ивана извршила самоубиство, заедно со ќерката Катја, со скокање од 6 кат. Двете паднале на бетонската подолга и починале од повредите – рече обвинителката Бојчевиќ.
Одбраната рече дека не им е потребно дополнително време поради измената на диспозитивот на обвинението и се согласија рочиштето да продолжи со давање завршни зборови.
Во завршниот збор обвинителката Бојчевиќ рече дека Ивана била континуирано физички малтретирана и во сосотојба на страв. Го пријавувала насилството во полиција, но пријавите ги повлекувала. Се наоѓала во материјална и егзистенцијална подреденост кон обвинетиот, без да има друго сместување за себе и за своето дете. Обвинетиот тоа го користел и ѝ се заканувал дека ќе остане без покрив на главата и без сигурноста за себе и за своето дете.
– Кулминацијата се случила на критичниот ден, кога оштетената во тешка психична вознемиреност си го одзела животот. Исказите потврдуваат дека оштетената била изложена на континуирано насилство, како и дека сакала да го сочува домот. Ивана престанала да гледа излез. Стојанче знаел дека најголемата слабост на Ивана ѝ се Катја и станот. Таа била изложена на насилство, континуирана контрола и притисок. И покрај поддршката од семејството, оштетената се враќала кај Стојанче дома. Од особена важност се исказите на очевидците. Во еден момент сведок ја слушнал Катја како вика „Тато, ќе ја убиеш мама“. Исказот на Мартин даде прецизни податоци за континуираното насилство и стравот кај оштетената. Тој видно потресен и во нарушена емоционална состојба рече дека после 2.3. едвај живее. Неговиот исказ е потврден од материјалните докази и од исказите на други сведоци, а обидите на обвинетиот да го дискредитираат сведокот останаа безуспешни. Тој ја зел од автопатот кај Штип. Ивана му рекла на Мартин дека морала да биде добра со Стојанче за да ѝ го врати станот. Кога се отвора можноста Ивана да си замине, на критичниот ден Стојанче ѝ рекол „Ќе ти го земам станот и Катја“, со што ги активирал нејзините две критични точки и нејзината безизлезност, ѝ се потврдила мислата дека што и да направи ќе остане и без детето и без станот. Снимките потврдуваат дека насилството се повторувало на критичниот ден на повеќе места, пред повеќе сведоци. Ја давел во возилото на Мартин, што се покажува и од трагите на нејзиниот врат. Со насилството и заканите Стојанче ја држел во состојба на страв, зависност и безнадежност. Во снимките јасно се слуша насилството и директните закани на Стојанче кон Ивана – рече Бојчевиќ.
Таа додаде дека од материјалните докази се увидело дека обвинетиот со насилството сакал да постигне зависност, страв и постепено уништување на нечија личност.
– Го слушавме стравот и беспомошноста на жртвата. Ивана пријавувала, мајката на Ивана, па и мајката на Стојанче, а на таа снимка се слуша Катја како вреска „Ќе ја убие мама, и мене ме удри“. Овие пријави покажуваат континуитет на физичко насилство, психичко малтретирање и контрола. Се слуша „Ниту Катја ќе ја видиш, ќе ти го уништам животот.“ Ова не се изјави на лице кое делува во афект, туку кое свесно врши сурово насилство – рече обвинителката.
Од доказот од советувалиштето Хера произлегува дека Стојанче ја контролирал и ја следел, што е доказ дека таа била во состојба на страв и безизлезност. Од извештај од Психијатрија се гледа дека Ивана не чувствувала само страв, туку и егзистенцијална зависност.
– Беше побарано мислење како од психијатриски аспект може да се објасни како мајката го зела и животот на детето. Произлегува дека пред бракот Ивана била здрава и функционална личност, без психички нарушувања. По континуираното прогресивно нарушување на нејзината психичка стабилност, се јавила трауматска зависност и беспомошност, што ја ограничиле нејзината самозаштита. Била во акутна психолошка криза, со намалена свест за последиците. Состојба во која запаѓала ден по ден, година по година. Вештите лица утврдија јасна врска меѓу насилството на Стојанче и психичката состојба на Ивана. Таа била во силен афект, чувство на безизлезност, чувство дека нема институционална заштита и дека состојбата е нерешлива. Критичниот ден не донела слободна и автономна одлука, туку била во психолошки колапс, а перцепцијата ѝ се стеснила на една единствена опција, прекин на состојбата. Одлуката за ќерката не е поради недостиг на љубов кон ќерката, туку поради долготрајната траума. Чувството дека детето е заштитено ако е со неа, а дека е во непосредна опасност, и единствениот начин да го заштити е да го задржи со себе. Ова се јавува кај жртви со хронично насилство. Верувала дека Катја ќе биде малтретирана и незаштитена со Стојанче и единствено ќе биде заштитена ако ја земе со себе. „Ако јас не можам да ја заштитам, никој нема“ – тоа ѝ била патолошката логика. Одлуката за самоубиство не била според нејзината слободна волја, туку како резултат на очај и беизлезност – рече обвинителката Бојчевиќ.
Таа рече дека ова не ја намалува трагедијата, но е од суштинско значење да се разбере врската меѓу насилството на Стојанче и постапката на Ивана, кој со постојан терор ја довел во состојба да не може да види излез. Според неа, последицата е директен резултат на насилството од Стојанче.
– Од психолошкото вештачење на Стојанче е утврдено дека нема психичко заболување и дека е свесен за своите постапки. Негови карактеристики се љубомора, посесивност, контрола, манипулативност. Го минимизирал насилството со зборовите „шамари не се тепање“. Бил склон да ја извртува вистината, а вината за своето однесување да ја префрла кон други. Насилството кај обвинетиот не е резултат на психотична состојба туку на личносни карактеристики – рече Бојчевиќ.
Таа сподели електронска комуникација меѓу Ивана и Стојанче од која се гледа дека по преносот на станот, зависноста на оштетената се продлабочува, а насилството се засилува. Тој сѐ почесто не ѝ кревал телефон, не ѝ одговарал на пораките, додека таа го молела да се јави и да се слушне со Катја.
– Тоа што Ивана ги повлекувала пријавите не го побива фактот дека имало насилство, само го покажува стравот. Тој го контролирал нејзиниот личен простор и комуникации. „Со мирно да се разделиме, врати ми го делот од станот, ќе потпишам сѐ“, му пишувала Ивана, што покажува дека таа сакала мирно да го надмине конфликтот. До јануари 2026 година јасно се гледа ескалацијата на нивната комуникација „7 години не си престанал да креваш рака на мене“, му напишала. „Можеш само да ме убиеш. Ќе потпишам развод кога ќе ми го вратиш делот“. Од ова произлегува нејзината состојба на очај, безизлезност и материјална зависност. „Јас плаќам кредит од почеток, излегов фер со тебе, а можев да терам постапка за фалсификуван потпис. Зошто правиш фалсификат документи, тој потпис не е мој, ќе го вештачиме потписот. Да ни го вратиш делот, да го продадеме станот и да се разведеме. Зар да оставам да ме тепаш“, му напишала Ивана на Стојанче – пренесе обвинителката.
Овој предмет се темели на обемни и конзистентни докази – искази, анализи, вештачења од кои произлегува континуирано насилно постапување кон лице кое е во зависна положба. Зад овие докази стојат два изгубени живота.
– Имајќи ја предвид тежината на кривичните дела, личноста на обвинетиот, неговото однесување кон Ивана и кон Катја, како и претходната осудуваност за насилство, континуитетот и фактот дека делото е кон лица во ранлива ссотојба и особено, тешките последици. Овие отежнителни околности и однесувањето на обвинетиот биле пресуден фактор за тешката последица. Загубата на детото е тешка, но не може во овој случај да е олеснителна околност за обвинетиот. Поради тоа предлагам Судот да донесе осудителна пресуда и да изрече максимална казна за сите 3 кривични дела, со што ќе се утврди одговорноста и ќе се изврши превенција. Не само поради Ивана и Катја, туку и за да се испрати порака дека психичкото и физичкото насилство може да доведе до тешки последици и не смее да се толерира – заклучи обвинителката Бојчевиќ.