📷 ТУРСКИТЕ КОМПАНИИ ДОБИЈА ПОКАНА ОД ПРЕМИЕРОТ Македонија нуди партнерство и нови можности, вели Мицкоски

Премиерот од Бизнис-форумот во Истанбул порача дека Македонија нуди стабилна инвестициска клима, модерни индустриски зони и пристап до европските пазари.

116

Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска престојува во работна посета на Турција и учествува на Бизнис-форумот Македонија – Турција во Истанбул, упати повик до турските компании да инвестираат во земјава и да станат дел од, како што рече, „развојната приказна на Македонија“.

Обраќајќи се пред претставници на турската бизнис-заедница, Мицкоски истакна дека Северна Македонија и Турција имаат традиционално добри и пријателски односи, кои претставуваат цврста основа за натамошно продлабочување на економската соработка.






– Македонија и Турција негуваат традиционално пријателски односи изградени врз доверба, почит и силни врски меѓу народите, а токму тие односи претставуваат цврста основа за продлабочување на економската соработка и нови инвестиции – истакна Мицкоски во своето обраќање на форумот.

Тој нагласи дека државата денес се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис-дестинација, нудејќи поволни услови за инвестирање.

– Македонија денес се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис-дестинација, со стратешка географска положба, поволна инвестициска клима, модерни индустриски зони и пристап до регионалните и европските пазари – посочи премиерот.

Според него, турските компании преку инвестиции во земјава ќе добијат можност да го прошират своето присуство и да се вклучат во европските синџири на снабдување.

– Турските компании преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари. Нагласив дека нашата цел е да градиме долгорочни партнерства, кои ќе создаваат нови работни места, поголем економски раст и заеднички успех. Ги поканив турските инвеститори да бидат дел од развојната приказна на Македонија, држава што има јасна визија за иднината, отворена врата за нови инвестиции и силна определба за економски развој – рече премиерот.

Бизнис-форумот во Истанбул има цел да ги поврзе институциите и компаниите од двете земји, да отвори нови можности за соработка и да ги промовира инвестициските потенцијали на Македонија пред турската деловна заедница.

Во изјава по настапот Мицкоски рече дека е во Истанбул заедно со владина, но и со бизнис делегација.

– Ја продолжуваме традицијата на организирање B2B настани и B2B средби, односно тоа што го отпочнавме во Унгарија и тоа што го продолживме во Австрија, потоа со хрватската бизнис заедница на билатералната средба во Охрид, го продолжуваме сега овде во Истанбул. Нашата цел е нашата македонска економија и нашите бизниси да се поврзат со бизнисите овдека во Истанбул, Турција.

Постои навистина голем интерес кај турските бизнисмени за инвестиции во Македонија, а она коешто ние ќе го правиме овие два дена овде во Истанбул е да ги презентираме можностите на македонската економија и сите оние можности и поддршка што ние како Влада ја даваме за привлекување на странски директни инвестиции.

Така што еве веќе првиот дел од овој настан заврши, очекувам многу успешни состаноци, очекувам силни пораки да бидат испратени и продолжуваме да информираме од нашата билатерална посета во Истанбул, Турција – рече Мицкоски.

Поврзани содржини