АВИОЛИНИЈА СКОПЈЕ-АНКАРА И КАРГО ЖЕЛЕЗНИЧКО ПОВРЗУВАЊЕ Николоски со министри во Истанбул договори нов импулс за трговијата
Турција и Македонија отвораат нови транспортни коридори, а целта е трговската размена да достигне две милијарди долари. Покрај директните летови, договорена е и железничка соработка што треба да донесе побрз транспорт на стока меѓу двете земји.
Успешните средби на заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски со турскиот министер за трговија Омер Болат и министерот за транспорт Абдулкадир Уралоглу, резултураа со договори за воспоставување на директна авиолинија Анкара -Скопје и карго железничко поврзување меѓу двете земји, објави на својот фејсбук профил, заменик претседателот на Владата, Николоски.
Министерот за трговија на Турција на социјалната мрежа Икс ја објави информацијата за новата авиолинија и карго железничкото поврзување и напиша дека двете земји продолжуваат да работат кон остварување на целта за билатерална трговска размена од 2 милијарди долари.
„По повод Турско–Македонскиот бизнис форум, заедно со нашиот министер за транспорт и инфраструктура, г. Абдулкадир Уралоглу, остваривме средба со заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт на Република Северна Македонија, г. Александар Николоски.
На средбата се согласивме дополнително да ја зајакнеме нашата соработка во областите на транспортот, логистиката, цивилното воздухопловство и железничкиот сообраќај. Веруваме дека директните летови на “AJet” на релација Анкара–Скопје, како и железничката соработка меѓу TЦДД и МЖ Инфраструктура ќе дадат значаен придонес за трговијата, инвестициите и поврзаноста меѓу нашите земји.
Во согласност со визијата на претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган, за силна регионална соработка и економска интеграција, со решителност продолжуваме да работиме кон остварување на целта за билатерална трговска размена од 2 милијарди долари.
Во наредниот период ќе продолжиме да ги зајакнуваме транспортните коридори и да ги поддржуваме активностите на турските компании во Северна Македонија, придонесувајќи за поврзаноста, просперитетот и заедничкиот развој на Балканот.
Длабоките пријателски и братски врски меѓу нашите земји ќе стануваат уште посилни преку новите проекти што ќе се реализираат во областа на трговијата и инвестициите” , објави министерот за трговија, Омер Болат.
Средбата на министрите се реализира во рамки на турско -македонскиот бизнис форум што денеска се одржа во Истанбул.