ПО ЦАРСКИ РЕЗ ЖЕНА ОСТАНА ПАРАЛИЗИРАНА Министерството за здравство нареди вонреден инспекциски надзор

Министерството за здравство апелира да не се изнесуваат предвремени заклучоци сè додека не завршат надлежните постапки.

0

Министерството за здравство денеска соопшти дека внимателно го следи случајот со 19-годишната пациентка која по царски рез направен во Клиничката болница во Штип останала парализирана.

– Со цел целосно, објективно и стручно утврдување на сите околности поврзани со лекувањето на пациентката, Министерството издаде налог до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор. По добивањето на инспекцискиот наод и целокупната медицинска документација, Министерството ќе иницира и стручен надзор над досегашниот тек на лекувањето и постапувањето на здравствените работници и установи вклучени во случајот –  соопшти Министерството за здравство.






Оттаму апелираат да не се изнесуваат предвремени заклучоци сè додека не завршат надлежните постапки.

– За утврдената фактичка состојба и за евентуалните натамошни мерки, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана – велат од Министерството.

Поврзани содржини