МИЦКОСКИ НА СЕМЕЈСТВО МУ ПРЕДАДЕ КЛУЧЕВИ ОД СОЦИЈАЛЕН СТАН ВО ДЕБАР Свој дом во зградата добија 47 социјално загрозени семејства

Премиерот информира дека покрај оваа зграда во Дебар се реализираат уште 23 проекти.

65

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Дебар му ги предаде клучевите од социјалниот стан на едно семејство, со што симболично ја пушти во употреба новата социјална зграда.

Со пуштањето во употреба на новиот станбен објект во Дебар, 47 семејства и поединци од ранливите категории добија сопствен дом.






-За мене претставува посебна чест и задоволство што сум денеска тука во Дебар и имам можност, ете, симболично, преку доделувањето на клучевите на едно семејство корисник на еден ваков стан, да го означиме пуштањето во употреба на овој станбен објект којшто ќе биде иднина на многу лица, на многу семејства коишто ќе го користат овој станбен објект. Јас можам да им посакам многу среќа и здравје, пред сè, и што подолговечно да си ги користат овие домови и тие домови да им бидат мир, да им бидат спокој, да им бидат утеха тогаш кога е потребно, а ние како Влада ќе продолжиме во периодот којшто следи и дополнително да инвестираме во вакви проекти – рече Мицкоски.

Право на користење на социјален стан имаат лица кои до својата 18-та година биле згрижени во институции и други облици на згрижување без родители, корисници на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост и нивните семејства, припадници на ромската заедница, како и самохрани родители со малолетни деца.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој присуствуваше на настанот рече дека  доделувањето на 47 нови социјални станови претставува значаен чекор во обезбедувањето достоинствени услови за живот за најранливите категории граѓани.

Тој потсети дека Владата и Министерството за транспорт и во изминатиот период реализирале повеќе проекти за социјално домување низ државата.

-Досега се доделени 29 станови во Велес, 32 во Кочани, 21 во Струмица и 19 во Гевгелија. Во моментов се активни огласи за Пробиштип и Свети Николе, а во завршна фаза е изградбата на социјални згради во Бутел, Сарај и Прилеп, додека се планира и изградба на ваков објект во Штип. Со овие проекти решаваме едно од најважните животни прашања на голем број семејства- нагласи Николоски.

Осврнувајќи се на развојот на Дебар, Николоски истакна дека Владата обезбедува силна поддршка и за локалната инфраструктура и дека се во тек на реализација 22 проекта.

Поврзани содржини