ПЕНЗИОНЕРИТЕ СЕ ВРАЌААТ НА РАБОТА Мемов предлага законски промени на пазарот на труд
Директорот на ПИОМ предлага законски измени со кои пензионерите кои се работоспособни ќе можат да бидат ангажирани во приватниот сектор, додека експертите предупредуваат дека државата мора да се прилагоди на стареењето на населението.
Пензионерите кои се во добра здравствена состојба и сакаат да работат треба да добијат можност за повторен ангажман во приватниот сектор, порача директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов.
Тој учествуваше на тркалезна маса на тема „Недостигот на работна сила: Од предизвик до можност преку активно стареење и искористување на позитивни искуства“, организирана од Комората на Македонија за приватно обезбедување.
Како што беше истакнато на настанот, целта е да се најдат решенија за недостигот на работна сила, особено во секторот на приватното обезбедување.
Во своето излагање, Мемов нагласи дека Фондот на ПИОМ не креира политики, но може да даде препораки врз основа на искуствата.
– Сметам дека пензионерите кои сакаат и се во добра здравствена состојба, треба да имаат можност за работа. Пазарот на трудот покажува дека има потреба од нив, особено во приватното обезбедување, каде нивното искуство може да биде значаен ресурс – изјави Мемов.
Тој додаде дека ваквата можност треба да се однесува исклучивона приватниот сектор и дека би донела корист и за работодавачите, државата и самите пензионери.
– Работодавачите ќе добијат искусна работна сила, државата ќе има дополнителни приходи од придонеси, а пензионерите ќе имаат и пензија и плата- истакна Мемов.
На дебатата се обрати и професорот д-р Лазар Јовевски, кој посочи дека стареењето на населението е сериозен предизвик.
Тој нагласи дека постојат две можни решенија – увоз на работна сила или внатрешна реорганизација на пазарот на труд.
– Ако се избере втората опција, ќе мора да се менува правната и економската рамка за да се овозможат нови модели на вработување – изјави Јовевски.
Претседателката на Комората, м-р Верица Милеска Стефановска, истакна дека во повеќе земји пензионерите веќе имаат можност да работат без да ја губат пензијата и дека и кај нас е потребно усогласување на законската регулатива.
Учесниците заклучија дека се неопходни законски измени со кои ќе се олесни пристапот на пензионерите до пазарот на труд, со цел да се надмине недостигот на работна сила.