НЕ ПРИФАЌАМЕ ЛЕКЦИИ ОД САД Шпанија остро му возврати на Трамп за заканите

Шпанската министерка за одбрана порача дека земјата останува посветена на НАТО и меѓународното право, отфрлајќи ги критиките од Вашингтон.

75

Шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес денеска изјави дека заканите на претседателот на САД Доналд Трамп за можно повлекување на американските трупи од Шпанија се „непримерни“, нагласувајќи дека таквите коментари „немаат правна основа“ и дека Шпанија „не прифаќа лекции“.

– Не прифаќаме предавања и апсолутно сме мирни, бидејќи сме една од земјите што најдоследно се придржуваат до обврските во рамките на НАТО – изјави Роблес.

Таа истакна дека шпанската влада е „многу цврста, знае што прави и е посветена на мирот, почитувањето на меѓународното право, Атлантскиот сојуз и мировните мисии ширум светот“, и предупреди дека „од Шпанија не може да се бара помош во илегална војна која нема меѓународна поддршка“, алудирајќи на конфликтот во Иран.

– Шпанија е сериозна земја, посветена на своите обврски кон Атлантската алијанса и цврсто определена за светскиот мир, и затоа не прифаќа лекции од никого – додаде таа.

Според Роблес, „малку земји можат да се пофалат со толку силна посветеност како Шпанија“, при што посочи дека повеќе од 4.000 припадници на шпанските вооружени сили моментално служат во меѓународни мисии, вклучувајќи ги Летонија, Словачка, Романија и мисијата за контрола на воздушниот простор над Балтикот.

Американскиот претседател во четвртокот се закани дека ќе ги повлече американските трупи од Шпанија и Италија поради нивниот став за војната во Иран.

Поврзани содржини