НА ПАЈО ЦРНО МУ СЕ ПИШЕ Тешко ќе остане судија, а ќе одговара зошто го пуштил Рамадани во куќен притвор
На 1 август, на припадникот на УЧК Рамадани, осомничен за воени злосторства во Косово, судијата Пајазит Пајазити го префрлил од притвор во куќен притвор, на адреса во Скопје, од каде што киднал.
Претседателката на Судски совет, Весна Дамева, информираше дека специјалната комисија што го испитува случајот со бегството од куќен притвор на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани, работи интензивно, и како што рече, се очекува час поскоро да излезе со извештај.
Одлуката Рамадани, кој минатиот месец беше уапсен на македонско-косовската граница врз основа на потерница издадена од Србија преку Интерпол, од ефективен да биде префрлен во куќен притвор, од кој побегна, ја донел судијата на претходна постапка Пајазит Пајазити.
За Пајазити, кого колегите и адвокатите го нарекуваат и Пајо, во судските кулоари се тврди дека неговите денови како судија се избројани. Тој сигурно ќе падне како судија, а можеби ќе биде и кривично гонет, велат познавачите на приликите.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека судијата Пајазит Пајазити ја оцрнил судската фела во целост.
„Ако институциите во правосудството, на целата очигледна незаконитост не го разрешат Пајазити, тогаш сами потврдуваат дека се испостава на ДУИ и на Филипче. Пајазити не само што го овозможи бегството на Блерим Рамадани, туку и условно го осуди Иџет Мемети, кој призна дека земал поткуп, дело за кое е предвиден затвор. Пајазити е судијата кој не определи притвор ниту за бандитите кои упаднаа на скопскиот аеродром“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.
Во изјава за медиумиво врска со овој случај, Дамева рече дека штом биде констатирана фактичката состојба, веднаш ќе има седница на Судскиот совет.
– Во овој момент не можам да кажам, затоа што тоа е во рамки на комисијата. Како претседател на Судски совет, на некој начин ги обезбедувам сите технички услови, за да им бидат обезбедени тие податоци кои им се потребни за анализа. Да не ја прејудицираме постапката за конкретниот случај, има законски рокови. Во овој случај ќе се работи интензивно и многу итно, јавноста заслужува одговори час поскоро – рече Дамева.
Судскиот совет на итна седница пред десетина дена донесе одлука да се формира Комисија што ќе ја констатира фактичката состојба по однос донесените одлуки од страна на Основниот кривичен суд Скопје, а поврзани со случајот на Блерим Рамадани, кој избега од куќен притвор додека во тек беше екстрадициона постапка.
Блерим Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.
На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август. На 15 август од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за Блерим Рамадани, бидејќи е недостапно за органите на прогонот.