МАКЕДОНИЈА СЕ ВРАЌА НА ЕВРОВИЗИЈА ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ ПАУЗА МРТ најавува потранспарентен избор на песната и изведувачот
Според директорот Зоран Ристоски, практиката на нетранспарентно избирање треба да заврши, а јавноста ќе биде информирана како и зошто е избран изведувачот што ќе ги брани македонските бои.
Македонија повторно ќе има свој претставник на „Евровизија“. По четири пропуштени изданија, Македонската радио-телевизија потврди дека земјата ќе учествува на 71. издание на музичкиот натпревар во 2027 година, кој ќе се одржи во Бургас, Бугарија. Информацијата е објавена и на официјалната страница на „Евровизија“, каде што на Македонија ѝ посакаа добредојде назад на натпреварувањето.
Од МРТ најавуваат дека враќањето ќе биде проследено со поинаков пристап кон изборот на македонскиот претставник и песната. Директорот Зоран Ристоски посочува дека јавниот сервис има поддршка од Европската радиодифузна унија во промоцијата на македонските културни вредности, како и очекување за поповолни услови за повторно учество.
Особено внимание привлекува најавата за промена на начинот на избор. Според Ристоски, практиката на нетранспарентно избирање треба да заврши, а јавноста ќе биде информирана како и зошто е избран изведувачот што ќе ги брани македонските бои. Сепак, сè уште нема официјални детали дали ќе има национален избор, јавен конкурс или друг модел, ниту пак е познато кој ќе ја напише песната и кој ќе настапи во Бургас.
Претходно, во текот на годинава, од МРТ веќе беше најавено дека Македонија сериозно размислува за враќање на „Евровизија“. Претседателот на програмскиот совет Давор Пашоски тогаш изјави дека се разговарало со ЕБУ и дека земјата сигурно ќе учествува во 2027 година, но дека допрва треба да се разгледаат финансискиот аспект, концептот на учеството и начинот на избор на песната и изведувачот.
Македонија последен пат настапи на „Евровизија“ во 2022 година во Торино, кога ја претставуваше Андреа Коевска со песната „Circles“. Таа не успеа да се пласира во финалето. По нејзиниот настап следуваше пауза, а земјата не учествуваше на четири последователни изданија.
Најголемиот успех на Македонија на „Евровизија“ досега го постигна Тамара Тодевска со песната „Proud“. Во 2019 година таа го освои седмото место во финалето во Тел Авив, што останува најдобар македонски пласман на натпреварот. Прв македонски претставник, пак, беше Владо Јаневски во 1998 година со „Не зори, зоро“.
Иако враќањето е официјално потврдено, македонските евровизиски фанови ќе мора да почекаат за одговорот на најважното прашање – кој ќе ја претставува земјата и со која песна. Од МРТ најавуваат дека јавноста и медиумите навреме ќе бидат информирани за следните чекори.