Мачкање очи без граници

Оценките на Репортери без граници за состојбите во медиумскиот сектор во Македонија не ми се „политички“ спорни. Всушност, ама ич не ми е гајле за политичката димензија на годинешниот извештај на оваа организација, дали бил добар за ВМРО-ДПМНЕ или за СДСМ. Тоа е дебата за аматери. Знам само дека многу оценки се промашени, некои дури и смешни, веројатно стокмени по вкусот на дваесеттина луѓе од заедницата на неколку македонски невладини здруженија што гравитираат околу медиумите, од нив црпат некаков легитимитет, продаваат „проекти“ и делкаат сериозни странски пари.

1

Имам големи резерви за оценките на организацијата Репортери без граници за состојбите во медиумскиот сектор и во новинарството во Македонија. Толку големи се тие резерви, што се осмелувам да кажам дека сериозните аналитичари на состојбите не би смееле без дополнителни длабински истражувања да се потпрат на оценките на оваа ценета меѓународна организација, барем кога зборуваме за нашата земја.

За да не бидам погрешно разбран, сакам веднаш на почетокот да кажам дека за моите резерви воопшто не е клучно рангирањето на нашата земја во Индексот на слободата на медиумите, каде што лани сме биле на 42. место, а годинава на 45. место. Искрено, ниту разбирам што значи ова, ниту познавам некој што може ова рангирањето доследно да го образложи од методолошки аспект. И затоа поместувањето три места погоре или подоле, барем според мене, не менува ништо во нашата реалност.

Новинарите не биле во „непријателско опкружување“

Малку повеќе внимание заслужува „дипломатски“ срочената и избалансирана општа оценка на Репортери без граници, која вели: „Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, широко раширените дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за пад на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Владини претставници имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“.

Еве зошто велам дека овие оценки се спорни.

Пред сè, не е сосема јасно врз основа на каква емпирија се заклучува дека „новинарите не работат во непријателско опкружување“. Во последните неколку месеци, но и пред тоа, лани, повеќе новинари и медиуми беа изложени не само на „непријателско опкружување“, туку и на директно таргетирање и на јавни атаци.

Кој и врз основа на што оценил дека „владини претставници имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, од што би имплицитно би требало да се заклучи дека опозициските претставници немале таква тенденција?

Кој и со каква методологија измерил и докажал дека дезинформациите во Македонија се „широко распространети“? Колку „широко“? Пошироко одошто во Велика Британија или во Франција, на пример?

Како се мери довербата?

Кој и како ја измерил „довербата во медиумите“, па утврдил дека таа опаѓа? Ако таа оценка е изнесена врз основа на испитување на перцепции (има такви анкети), тогаш сме сошиле копче. Дали на Репортери без граници им е познато кои институции во таквите истражувања традиционално добиваат најголема доверба, а кои најмала?

Најконзервативните институции – војската и црквата – вообичаено уживаат најголема доверба. Народот најмногу си ги сака поповите и војниците, а најмалку политичарите и новинарите. Какво е тоа општество? Авторитарно.

„Опаѓањето на довербата“ во политиката („најстариот занает“, нели), во медиумите („слугите“) и во некои други професии (судии, лекари итн), делумно е резултат на објективна ерозија на моралот во тие сфери, но во голема мера е плод и на жестока повеќедецениска пропаганда на оцрнување. Кај медиумите таа пропаганда во последниве петнаесеттина година беше главно насочена кон т.н. нови медиуми, кои беа оценувани како легла на сите зла, додека за т.н. традиционални медиуми се тврдеше дека се чувари на професионализмот и на етиката во новинарството.

Замислете, телевизијата била доминантен извор на информации?!

Жално е што оваа, со години грижливо негувана стигма – смислена со цел да се спречи она што не може да се спречи, имено, експлозијата на онлајн медиумите и на социјалните мрежи – може да се прочита дури и во анализата на Репортери без граници. Во која, замислете, се тврди: „Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога“.

Сум кажал повеќе пати дека нема да полемизирам со ваков аматеризам и со вакво незнаење, но од почит кон Репортери без граници, сепак, ќе направам исклучок. И ќе кажам јасно и гласно дека не постои методологија со која еден сериозен истражувач, експерт или аналитичар, во Македонија или во која било друга земја во светот, научно и емпириски ќе утврди дека „телевизијата е доминантен извор на информации“.

Тоа, едноставно, не е точно!

Не постои средно образован човек кој не знае дека апсолутно доминантната справа со која луѓето денес се информираат за било се вика паметен телефон. Сите имаме паметни мобилни телефони. Речиси 90 отсто од сообраќајот на онлајн медиумите доаѓа преку оваа справа, а тоа значи дека десктоп машините, лаптопите и таблетите служат претежно за работа. Изгледа дека само репортерите без граници упорно гледаат и телевизија на мобилни телефони.

Не знам дали некој од оваа организација се прашал кога тоа граѓаните „доминантно се информираат преку телевизиите“? Во кој период од денот? Кој нормален човек во денешно време ги чека попладневните и вечерните вести на телевизиите за да се информира што се случило ноќеска, утрово или претпладнево? Па тука е мобилниот…

Туѓата треш продукција се гледа многу повеќе од домашната

Има ли податоци колку информативни прилози продуцира една македонска телевизиска информативна редакција дневно, во споредба со еден онлајн медиум со редакција од неколку луѓе? Јас ќе кажам двојно помалку, а секој што ќе каже тројно или уште неколку пати помалку, нема да згреши. Да, телевизиските куќи имаат свои онлајн медиуми, но тоа не се „телевизии“, тоа се интернет портали. И да, телевизиските куќи сè позачестено продуцираат поткасти и ги пласираат на социјалните мрежи, но тоа веќе не се смета за „телевизиска продукција“.

Знае ли организацијата Репортери без граници што се гледа „доминантно“ на нашите телевизии?  Се разбира, има исклучоци, неколку добри домашни телевизиски продукции и продукти. Но, тие сепак се во втор план, најмногу се гледа купен продукциски треш. Луѓето гледаат теленовели и сапуници (главно турски серии), ријалити шоуа, глупави квизови и така „доминантно“ се информираат – ама не за важните политички и општествени прашања, туку за ликовите и собитијата од таа сеприсутна треш продукција.

И сега, замислете да го знаете сево ова – згора да знаете дека телевизијата доминантно се следи преку кабелските оператори и при тоа голем дел од гледачите, голем дел од времето гледаат странски телевизиски канали, а не македонски – ама и понатаму да тврдите дека доминантен извор за информирање на граѓаните во Македонија биле телевизиите. Тоа е ширење лажен наратив. Фејк њуз! Или, тоа можеби значи дека сте тотални аматери. Или, конструирате оценки за состојбите во медиумскиот сектор во Македонија под влијание на некоја своја политичка агенда.

Ако има „независни“ медиуми, мора да има и „зависни“ – а да каже Репортери без граници кој е кој, со име и презиме?

Верувам дека организацијата Репортери без граници не е дистрибутер на фејк наративи (барем не намерно), дека тие луѓе не се тотални аматери и дека целат кон тоа нивните извештаи да бидат политички непристрасни. Мислам дека ваквите наративи за состојбите во медиумскиот сектор во Македонија се креираат главно врз основа на перцепциите на дваесеттина луѓе од заедницата на неколку македонски невладини здруженија коишто гравитираат околу медиумите, од нив црпат некаков легитимитет, продаваат „проекти“ и делкаат сериозни странски пари. При тоа, ништо битно не се прави за да се реши она што навистина е голем, клучен проблем на медиумската индустрија во Македонија – недостигот на професионализам и недостигот на обучен кадар.

Интересно би било да се слушне и објаснувањето на Репортери без граници кои се тие „независни медиуми“ во Македонија кои биле „изложени на закани и напади“. Ако има „независни“, логично, има и „зависни“. Кои се „зависните“? Може ли Репортери без граници да ни состави еден попис на едните и на другите?

Прашувам, зашто кај нас долго време се шири и една друга стигма – дека медиумите коишто јавно и транспарентно ја декларираат сопственоста (сега тоа е законска обврска и за онлајн медиумите), коишто работат пазарно и остваруваат приходи од реклами и евентуално од легални донации, биле тие „зависните“. А „независни“ биле малубројните, но богати медиуми, кои се целосно финансирани од странски фондови, од пари што доаѓаат од странски даночни обврзници, а некои од нив финансирани истовремено и со македонски буџетски пари, трансферирани кон нив преку јавниот радиодифузен сервис.

Интересно е тоа што Репортери без граници не поставува прашањето зошто при толку многу пари, коишто од разни извори се трошат за „опстанок“ на божем „независните“ медиумски бубрежиња во лој, професионализмот толку брзо ни опаѓа. Зошто во светот на „проектите“ ништо сериозно не се прави за да се зајакне профссионалната едукација на новинарите? Знае ли организацијата Репортери без граници дека во Македонија факултетите кои образуваат новинари се на смртна постела? Знаат ли дека нашата професија умира?

Еве за што треба да се критикува владата на Мицкоски, а Репортери без граници за тоа молчат

И конечно, има една тема за која Репортери без граници, секако со добра намера и без предрасуди, треба да ја критикуваат македонската влада. Зборувам за оваа влада, предводена од Христијан Мицкоски, за која прво мора да се нагласи дека направи многу битни законски измени за регулација на онлајн медиумите и за законска заштита на новинарското авторско дело (за тие достигнувања, нормално, во извештајот нема ништо).

Но, многу е важно да се каже дека во медиумскиот сектор постои и еден „систем“ на упорно, неоправдано, селективно, целосно арбитрарно и обилно државно финансирање на една група привиелгирани медиуми и новинари, дел преку озаконетите дискриминаторни механизми на буџетска поддршка, но дел и преку каналот на трансферирање пари од буџетот на МРТВ (а тоа се исто така народни пари). И тука, да сме јасни, не зборувам за медиумите во државна сопственост, МРТВ и МИА. При тоа, таа обилна финансиска поддршка за привилегираните на ниту еден начин не значи унапредување на состојбите во медиумскиот сектор. Напротив, значи само уназадување.

Да, знам, оваа влада не го измисли, туку го наследи тој „систем“. Ама си го толерира. Убаво би било владата конечно да стави крај на тоа бесмислено фрлање буџетски пари во ветер и за таа дискриминација на огромното мнозинство медиуми, новинари и медиумски работници. Но, некако немам чувство, што би рекол Мицкоски, дека тоа ќе се случи.

А имам чувство дека и следниот извештај на Репортери без граници ќе биде ист, или речиси ист, како и годинешниов. Ќе се качиме можеби некое место нагоре на Индексот, или ќе паднеме, еписибир. Ќе биде и тој само уште едно мачкање очи без граници, на кое толку многу се навикнавме, што веќе и не ни пречи.

Поврзани содржини