🎥 МОНИКА БЕЛУЧИ ДАДЕ ИНТЕРВЈУ ЗА СРПСКА ПОЛИТИКА „Убавината отвора само една врата“
Моника Белучи истакна дека „како актерка нема да снимите повеќе од еден филм ако како жена сте само убавица, бидејќи не вредите ништо без талент и знаење“.
Италијанската филмска дива Моника Белучи во ексклузивно интервју за белградскиот весник „Политика“ проговори за стареењето, за Холивуд и за вистинските животни вредности.
За многумина е изненадување што една од најбараните светски актерки одвои време за медиум од нашиот регион, но нејзината врска со овие простори е длабока. Познато е дека Белучи има посебна емотивна поврзаност со Балканот, која датира од периодот кога го снимаше филмот „On The Milky Road“, со Емир Кустурица, улога за која дури научи и да зборува српски.
Иако важи за синоним за женска совршеност, Моника во интервјуто нагласува дека изгледот никогаш не бил нејзиниот главен адут на кој се потпирала во кариерата.
– Ако сте само убави, во филмската индустрија ќе добиете шанса само за еден филм. За да опстанете и да изградите долготрајна кариера, неопходни ви се знаење, работа и вистински талент. Без тоа, убавината е бескорисна – децидна е актерката.
Додека Холивуд наметнува нереални стандарди за вечна младост, италијанската ѕвезда открива дека воопшто не се оптоварува со годините и со брчките.
-Искрено, не ме интересираат годините. Бесмислено е да се бориш со времето кога веќе знаеш дека ќе изгубиш. Треба да сме среќни што старееме, особено ако сме опкружени со луѓе кои ги сакаме и нè сакаат. Работите поради кои се чувствувам жива и кои не го одразуваат минувањето на времето се моето семејство, моите пријатели и мојата страст кон работата – изјави Белучи.
Според неа, пандемијата натерала многумина да се соочат со своите ставови и да прифатат дека односот со другите е најважната работа.
– Созревањето за мене е интересно и како актерка, бидејќи имате можност да играте различни улоги.Физички се менуваме, но истовремено со искуството можеме да пренесеме и прикажеме различни емоции и аспекти од животот. Кога сте убави, тоа е како да имате „маска“ – објасни Белучи.
– Луѓето размислуваат за вас на одреден начин, без да се оптоваруваат со тоа кои сте и какви сте внатрешно. Секогаш ве следи тој дуализам и предрасуди од типот: „О, таа е убава, таа е глупа“, и со тоа треба да се носите цел живот – заклучи таа.