Дали нештата се сега појасни?

Последната изјава на „маршалот“ повторно се злоупотребува за сеење магла, особено нејзиниот прв дел каде тој вели дека „Македонија треба само да ги впише Бугарите во Уставот“! И тоа звучи сосема пристојно, речиси пријателски, кога би останало само на тоа. Се разбира, ако не сме баш толку наивни и лековерни, барем во овие две-три години научивме дека тоа „само“ никогаш не е само туку има и продолжение коешто ја открива мамката за кленови.

0

Всушност, нештата секогаш биле јасни, барем за оние со отворени очи и ум. Но последната изјава на „маршалот“ Радев во однос на неговите „браќа“ – како што вели тој – од некоја „Северна Македонија“, можеби конечно ќе ја расчисти маглата во главите на една мала група „еу-фили“?

Инаку, оној Радев го произведов во чин на „маршал“ со пластична ѕвезда зашто човекот е така влезен во филм на некаков европејски лидер… А впрочем, спомнувајќи го веќе филмот, не разбирам како нашава „еу-филска“ група не сака да види дека бугарскиот политикантски врв по правило со нив го игра ветвиот штос на добар и лош полицаец од американските подвижни слики: па кај нашиот источен сосед дури од 1991 година смееја да се гледат западни филмови, па сега имитираат до бескрај! Па по тој терк, Радев еднаш вели „само ова“, а Јотова вели никако, па оној Борисов ќе ги гушка Заев и Пендаровски ама Захариева ќе ги отера кај што им е местото… А слепциве кај нас – веруваат. И се провикнуваат дека другите свесно го кочат евроинтегративниот процес. Зошто? За да имале „општество под контрола“! Небаре таа еу тоа ќе им го оневозможи. Па нели Орбан беше автократ, нели тоа е Фицо…, па што не ги спречи еу? Ама Маѓар не е, но спрема закон да го тргне легитимниот претседател на државата!






Како и да е, последната изјава на „маршалот“ повторно се злоупотребува за сеење магла, особено нејзиниот прв дел каде тој вели дека „Македонија треба само да ги впише Бугарите во Уставот“! И тоа звучи сосема пристојно, речиси пријателски, кога би останало само на тоа. Се разбира, ако не сме баш толку наивни и лековерни, барем во овие две-три години научивме дека тоа „само“ никогаш не е само туку има и продолжение коешто ја открива мамката за кленови: „Нашата позиција е дека не треба да внесуваме наследени политички и историски проблеми внатре во европското семејство. Верувајте дека ќе продолжиме да стоиме зад ова позиција“ (sic!). А едновремено и некако „чудно“ темпирано, се појави и оној амандман за некакво заменување и уништување историски споменици и/или артефакти и автентично културно наследство, па и уништување и фалсификување бугарски натписи итн.

Уште што ли крие она „само“? Но, ќе ни го кажат мигот кога некој политикантски шутрак кај нас ќе стави потпис на паролата „Бугари во Уставот“. Иако многумина и овде веќе кажаа што крие тоа „само“. Ама тие не знаат, знае клиентелава. И Радев. „Маршалот“.

И по неговиот ум, повторно и по којзнае кој пат како по „маршаловата“ команда, целата збирштина од онаа „добронамерна“ квази-интелектуална клиентела кај нас чита само до она „само“ а другото го игнорира . Каков „маршал“ – таква „војска“. На луѓево едноставно можеш само да им земеш, не можеш да им дадеш. А тие мислат дека Радев – им дава! Ама пак, ако еден Макрон мислел дека од Радев добива историски поуки… Но изгледа дека европејскиот „маршал“ и кај нас има многу ученици, па и меѓу новинарите. Ете и оној „степенуванион“ смислил дека и во Протоколот бр. 2 има што да се „толкува“ и дека баш тој е кадарниот тоа да го прави! Јавно.

Но, ако македонскиве клиентелистички мегафони навистина не сакаат да веруваат во очигледното или во компетентните анализи на дел од стручната македонска јавност, зошто не му веруваат на евроамбасадорот Рокас кој сепак не успева – или можеби веќе и не сака? – да ги сокрие скепсата и сомнежите па вели дека се надева дека „нашите соседи заедно со ЕУ ќе бидат доста контруктивни во наредните денови и месеци“?!

Ако она „само“ се претворило само во „надеж“ на Рокас, тогаш нештата воопшто не звучат добро. Зашто ние во „надеж“ безнадежно живееме веќе 35 години. И не би рекол дека е тоа само наша вина. Имаме огромен удел во неа, секако, но не единствен или одлучувачки. Толкави биле капацитетите на политичките раководства, не било лесно ни времето, или „бремето“ (како сакате, а зборот Македонија бил/е сериозно бреме!)… Да сме имале посолидно политички образован кадар, да имале појасна геополитичка стратешка визија, да немало коекакви селанчиња-шутрачиња кои себеси се гледале како од Господ спуштена елита и буквално преспивале цели мандати во Собранието, во советите, во министерствата…

А сега убедуваат дека некој – не тие! – намерно/свесно ги компромитирал евро-атлантските процеси. Па дури подметнуваат и идиотска теза за успешност на оној катастрофален „консултативен референдум“ иако гласале само една третина од вкупниот број гласачи!

И по којзнае кој пат, а во светлината не само на најновите „изблици на мудроста“ на источниот сосед туку и на вкупните бугарско-македонски „односи“, просто е неодминливо она ужасно тегобно прашање: зарем македонската опозиција не гледа, не може или не сака да ја разбере целата игра на источниот сосед? И зошто? И зошто мислат дека секогаш другиот е во право, а сомнежите – па и обвинувањата – веднаш паѓаат врз домашната јавност, стручна и поширока? Ако е во прашање (сепак неразбирлива) партиска конфронтација или нетрпеливост, па дури и (сепак необјасниво) непријателство, не сите кои предупредуваа(т) на мноштво очигледни и скриени последици од слепото и непромислено прифаќање на сите бугарски и еу диктати се партиски членови! Од каде тогаш таква недоверба кон сите други освен кон нивните партиски пајташи и онаа веќе страотно изрезилена „интелектуална“ клиентела? Па зарем не гледаат дека сите нивни „ставови“ се примани со потсмев, чудење и неверување во таквото неразумно толкување на нештата не само во македонската јавност?

И дали барем еднаш некој од врхушката на сектана помислил колкава полза и каков углед би имала државата ако во овие суштински за неа политики би настапувала единствено, заеднички, сплотено со државните политики? И во што го гледаат проблемот на барањата на власта за некакви гаранции освен она лажливо „само“? Или зошто е проблематичен предлогот за post festum прифаќање на условот за менување на Уставот? Што тука има лошо?

Или, уште поконкретно: ниту еден (не само) од полуписмената врхушка на оние кои глумат наследници на некогашниот СДСМ или од нивните „перјаници“ меѓу интелектуалната клиентела не кажал еден логичен збор против овие предлози! Напротив, слушаме само манипулации, интелектуални мастурбации, налудничави прогнози и наивна видовитост, сѐ со цел да се внесе смут во јавноста, сомничавост и недоверба во власта и скандалозно навивање во полза на непристојните барања од соседот и еу а на штета на сопствената држава.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини